На 3 и 4 Април, во организација на Асоцијацијата за уметност “Поетики”, Колекцијата за поезија, фикција и есеј на Меѓународниот ПЕН “Разноликост” и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, ќе биде реализирана дводневна македонска книжевна презентација со неколку содржини.
Најнапред, на 3 Април во 16:30 часот ќе се одржи тркалезна маса со македонски и бугарски автори од литературата, на која ќе се разговара за правците и тенденциите во двете литератури, во новиот век. Веднаш потоа, во 18,30 часот, исто така во просториите на нашиот Центар во Софија, академиците Катица Ќулавкова и Влада Урошевиќ како и проф. Наташа Аврамовска ќе ја претстават новата ѕвездена македонска книжевна генерација,меѓу кои веќе има и светски познати поети Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Калина Малеска,Румена Бужаровска, Фросина Стојковска, Ненад Јолдески и Ѓоко Здравески. Книжевната вечер со насловот “Почеток на векот: новата македонска книжевност” ќе ја отвори директорот на Македонскиот Центар Васко Шутаров, а текстови од авторите на бугарски јазик ќе интерпретира нашиот актер Иван Калошев.
На 4 Април, македонската книжевна делегација ќе оствари неколку работни средби и посети на видни личности од литературниот живот на Бугарија, како и посета на Универзитетската библиотека на Софискиот Универзитет и Бугарската Академија на науките.
Проектот е финансиски помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.