„Капетан Америка: Зимски војник“ и „Филимена“ се двата нови наслови кои од денеска (3 април, четврток) пристигнуваат во Синеплекс.
Од студиото на Марвел на само еден ден пред САД, пристига долгоочекуваниот „Капетан Америка: Зимски војник“. По марвеловиот успех со супер-хероите Тор и Железен човек, студиото го носи продолжението на веќе започната авантура на Стив Роџерс – Капетан Америка.
По катаклизматичните случувања во Њујорк со Осветниците, го следиме Капетан Америка како се обидува да се прилагоди на модерниот свет. Но, кога неговите колеги од ШИЛД ќе претрпат напад, тој ќе се фати во мрежа од интриги кои се заканува дека ќе го загрози целиот свет. Здружен со Црната вдовица, се обидува да разоткрие завера додека се бори со професионални убијци пратени засекогаш да го заќутат. Тој бара помош од новиот сојузник Сокол, но ќе се најде во борба со неочекуваниот непријател – Зимскиот војник.
Овој четврток пристига и филмот „Филомена“, вистинска приказна за жена која била во потрага по својот изгубен син. Филмот на Фрирс е базиран на вистинска приказна која ја опиша британскиот новинар Мартин Сиксмит во својата книга „Изгубеното дете на Филомена Ли“ во 2009та година, откривајќи многу гревови на католичката црква во Ирска и Велика Британија.
Приказната ја следи Филомена Ли која педесет години е во потрага по својот син кој манастирот присилно го дал на посвојување и која со помош на Сиксмит, конечно доаѓа до вистината. Таа како тинејџерка, додека била во еден ирски католички манастор, занесена од првата љубов, родила дете кое сестрите од манастирот го оттргнале од нејзиниот живот и го дале на семејство од Америка, кое сакало да го посвои.
Прикажувањето на овој филм предизвикал Ватикан да покрене истрага за слични случаи на нелегално посвојување во Ирска во средината на 20тиот век.
Филмот освои 9 награди на фестивалот во Венеција, по три номинации за Златен Глобус и наградата БАФТА за најдобро адаптирано сценарио и номинации за Оскар во категориите најдобар филм, адаптирано сценарио, главна актерка и најдобра музика напишана за игран филм. Вистинската Филомена, ни открива Фрирс, го посетувала сетот во текот на снимањето. На нè толку одамна одржаниот фест Филомена предизвикала смеа, солзи и низа спонтани аплаузи.