Македонската „Архитектура во огледало“ на Венециското биенале

Денеска (вторник, 28август, 2012) во 14:00 часот во Артиљерии на Арсенале, свечено ќе биде отворен Павиљонот на Република Македонија на 13-тата Интернационална изложба на архитектурата – Биенале во Венеција.

Оваа година, во организација на Метамак колектив и со помош на Музеј на град Скопје, Република Македонија ќе се претстави со изложбата „Архитектура во огледалото: возвишено и секојдневно“. Комесар на изложбата е Фросина Зафировска, заменик-комесар Таше Стрезовски, куратори се м-р Саша Тасиќ и м-р Александар Радевски, а како автор се јавува Метамак колектив.

Македонскиот павиљон е сместен во простор од околу 80 метри квадратни, каде се поставени 27 макети на проекти на огледала на постаменти. Во истиот простор, свои павиљони имаат уште девет земји меѓу кои: Ирска, Бахреин, Хрватска, Косово, Естонија, Малезија, Перу, Тајланд и Украина.
Учеството финансиски е поддржано од Министерството за култура на РМ, со логистичка поддршака на Министерството за надворешни работи на РМ – Генерален конзулат на РМ во Венеција.

На 13-тата интернационална архитектонска изложба, во секцијата на национални презентации учествуваат 56 земји од светот, а жири-комисијата, на денот на отворањето ќе ги објави наградите Златен лав за најдобра национална презентација, Златен лав за најдобар проект во Интернационална изложба – заедничка основа и Сребрен лав за млад архитект во Интернационална изложба – заедничка основа. Во исто време на Алваро Сиза Вивиера ќе му биде доделен Златен лав за животно дело.

13-тото биенале на Архитектура во Венеција ќе биде отворено до 25-ти ноември 2012 година.

You May Also Like