Eye Cue со нова песна и нов видео спот деновиве. На големо изненадување, и со нов женски вокал. Овој пат преработка на една песна која сите ја знаат од пред дваесетина години.
Петнаесетгодишната Марија Ивановска, талент и глас за кој допрва ќе се зборува, е новиот член на популарниот скопски бенд „Ај Кју“ („Eye Cue“), како и на големиот тим на „Горила продукција“. Интернет сензацијата Марија, веќе е позната по своите одлични преработки на светски и македонски хитови, а нејзините видеа на Јутјуб се се погледани и преслушувани.
За да се обележи овој свеж старт и почеток на новата ера на бендот ја преработија една од најпознатите песни некогаш испеани на детските фестивали. „Боби баш ми е гајле“, напишана од македонската музичка легенда Драган Каранфиловски – Бојс, за прв пат беше изведена далечната 1994 година на битолскиот фестивал „СИ-ДО“, а сега, скоро 20 години подоцна, доби нова верзија.
„Ај Кју“ во нов состав, снимија и видеоспот за оваа преработка. Режисерот Огнен Шапковски и директорот на фотографија Кристијан Теодоров – Кики, за таа цел одбраа неколку локации во Преспа и Долно Дупени.
Подмладени и свежи, Бојан, Иво, Марио и Марија со „Боби баш ми е гајле“, го најавуваат активното „Ај Кју“ лето.