На 74-то издание на Светскиот филмски фестивал на непрофесионален филм UNICA што се одржа во Русе, Бугарија, од 25-ти август до 2-ри септември 2012, нашата национална селекција доби четири награди.
Филмот „АЛАРМ“ на авторот Ана Алексовска, студент по филм на академијата ЕСРА, успеа да се избори за сребрен медал, и да биде дел од десетината филмови кои успеа да го достигнат среброто (во конкуренција од 136 филмови).
Со медал во главната конкуренција (главната програма) на фестивалот се здоби и авторот Ирина Николовска со филмот „СЕЌАВАЊА“, кој успеа да добие бронзен медал.
Во рамките на секое годишно издание на фестивалот на УНИКА, се одржува и Светскиот куп за едноминутни филмови. Оваа година, во овој куп, македонскиот филм „ПОРАНО МОЖЕВМЕ ДА ЈА ДОПРЕМЕ МУЗИКАТА“ на авторот Мице Чаповски од Академскиот кино клуб од Скопје, успеа да го освои третото место, што е прв пат македонски филм да освои награда на овој куп за едноминутни филмови. Овој филм успеа да ги освои симпатиите и реакциите на публиката, кои одлучија да му го доделат третото место на нашиот автор. Самиот куп го претставува врвот на едноминутниот филм, бидејќи на него земјите членки го пријавуваат својот најдобар кандидат во оваа категорија на филмови.
На фестивалот оваа година, во главната конкуренција Македонија исто така доби и почесна диплома, за филмот „СВЕТОТ“ на младиот автор Марина Трајковска. Почесната диплома се доделува за филмовите што се издвоиле со одредени карактеристики, и претставува значајно признание кое е едно ниво пониско од бронзениот медал во главната програма.
Останатите претставници од Македонија беа: Стефан Сидовски со филмот „МИГ НА СРЕЌА“, Јетон Селими и Кренар Драла со „НЕ СИ ИГРАЈТЕ СО ЛУЃЕТО“ и Љупчо Петровски со „МОЈОТ ЖИВОТ“.
Ова досега е наш најголем успех откога Македонија е членка на оваа светска филмска асоцијација, која е дел од UNESCO и чие годишно фестивалско издание вклучува претставување на националните селекции на филмови од 34 земји членки од целиот свет.
Секоја година, Македонија е претставена преку Кино сојузот на Македонија – организација која е членка на УНИКА од 1996 година. Местото на одржување на фестивалот на УНИКА ротира секоја година помеѓу земјите членки.
Жирито на фестивалот беше составено од седум членови, од седум различни земји, меѓу кои беше и нашиот добро познат филмски автор Петре Чаповски.
Хрватскиот автор Ивица Мушан филмот „РУЧЕК“ ја понесе наградата за најдобар филм на фестивалот (највисокото признание на фестивалот), додека хрватската селекција на филмови беше избрана за најинтересна за оваа година.