Овој викенд, филмските љубители во Синеплекс во рамките на ревијата „Филмоманија“ ќе имаат можност репризно да погледат дел од филмовите кои беа прикажани во претходните денови.
Денеска (сабота, 20 сепетември) во 16:00 часот ќе биде прикажан филмот ПО РЕД НА ИСЧЕЗНУВАЊЕ (р. Ханс Питер Моланд).
Нилс вози трактор и живее безгрижно во зимскиот рај, гратчето Бајтостолен. Меѓутоа,
ненадејната смрт на син му го внесува во војна на дроги меѓу норвешката мафија и Србите. Во тој свет тој е само почетник – вооружен со јака машина и почетничка среќа.
Награди и фестивали: Берлински филмски фестивал – службена конкуренција
18:30 часот ТОМ НА ФАРМА (р. Ксавиер Долан)
Момчето Том патува на село на погреб. Таму останува шокиран откако ќе сфати дека никој не знае кој е тој, ниту во каква врска бил со покојникот, а брат му наскоро почнува игра на опасни намери. За да го заштити семејното име и неутешната мајка, Том сега мора да глуми миротворец во куќа полна со опскурно минато и мрачни тајни… Со дејствието сместено во рурален Квебек, дејствието на овој психолошки трилер е сконцентрирано на вечната различност на животот на село и во град и на луѓето што живеат во нив. Стокхолмски синдром, измами, тага и тајни дивјаштва владеат
во оваа сурова заедница…
Награди и фестивали: Награда на критиката (FIPRESCI) – Филмски фестивал Венеција
21:00 часот ОБЛАЦИТЕ НАД СИЛС МАРИЈА (р. Оливие Асајас)
На врвот на својата меѓународна кариера, Марија Ендерс добива покана да игра во
театарската претстава што ја прославила пред дваесет години. Меѓутоа, Марија тогаш ја играла Зигрид, привлечна млада жена што ја разоружува и конечно ја доведува до самоубиство постарата Хелена. Марија добива покана токму за ликот на Хелена. Поголемото време го минува со својата лична помошничка Валентина, која ѝ е сега единствената пријателка. Но кога Џо Ен, млада холивудска старлета склона на скандали ќе ја добие улогата на Зигрид, Марија мора да се соочи со својата ривалка (и својата младост)…
Награди и фестивали: Кански филмски фестивал 2014 – службена конкуренција