Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, утре (четврток, 1 ноември 2012) со почеток во 20:00 часот, ќе се отвори изложба на младата авторка Лилјана Кекеновска. Изложбата ќе биде отворена до 15 ноември.
Изложбата со наслов „Петка-глава“ е, всушност, прв самостоен проект на младата сликарка Лилјана Кекеновска, која и припаѓа на најмладата генерација ликовни творци. Се уште во фаза на потрага по сопствениот ликовен идентитет, водена од својата контемплативна природа, таа го афирмира, пред се, својот интерес за еден концептуален приод испробувајќи ги на овој начин воедно сопствените можности и постепено, чекор по чекор, откривајќи нови патишта во ликовниот израз.
Пред ликовната публика во овој случај таа се појавува со дела што, всушност, пртетставуваат пластифициран компјутерски принт, поделен на три полиња врз кои дополнително е нанесен сито-печат, како симулација на една голема грепка. Низ овие условно наречени грепки, Кекеновска има цел да наметне една одредена тема со универзална порака за потребата од лична афирмација на поимот среќа и за изборот да се биде среќен. Притоа, авторката создава своевидна интерактивна игра сакајќи да иницира желба кај гледачот да земе активно учество во разоткривањето на уметничкото дело и неговата приказна со едноставиот принцип на гребење на површината на изложените принтови. Секој од принтовите содржи различен мотив (детелина, јадец, домино, броеви, парички…) што во суштина имаат еден заеднички именител, а тоа е среќата.