Четвртото издание на de:sonanz ќе се одржи од 3 до 6 октомври. И оваа година фестивалот ги претставува актуелните тенденции од областа на електронската музика и медиумската уметност од Македонија, Словенија, Грција, Јапонија и Германија.
Интерактивната инсталација „7k:newlifeform“ открива еден уникатен техно-екосистем. Свет населен со растителни и микроскопски организми и една чудна нова класа на технички нано-суштества.
Потоа следува едно аудио-визуелно патување со артистите Нови Сад и Ријоичи Курокава кое претставува спротивно движење и реакција на економските колапси. Колку повеќе се продлабочуваат економските кризи, толку побогат и поинтензивен станува музичкиот и визуелниот израз. „Sirens” уметнички ја рефлектира потрагата по решение на актуелните светски енергетски и економски проблеми. Освен тоа, ќе имаме можност да уживаме во уникатниот ритам на Касем Мосе кој обединува разни електронски стилови, како и во мрачниот и повеќеслоен електронски звук на Анстам.
Оваа година гостуваат и Херцел и Геновева, кои со својот квалитет веќе се етаблирани на меѓународната електронска сцена со бројни изданија за светски познати етикети, 01Плант локална реакција на случувањата на светската психоделична/нојз сцена, експерименталните аудио-визуелни настапи на Мнемоник45 и НОИТУ, како и диџеј сетовите на Хаде, Мартчин и DJ Bleed…
За визуелниот израз на настапите ќе се погрижи реномираното виџејско дуо од Германија Telematique&u-matic.