Состанок за превенција од шверц со културни добра

Управата за заштита на културното наследство во соработка со Канцеларијата на УНЕСКО, денес организираа состанок за превенција од нелегална трговија со културни добра.


Состанокот, на тема „Стратегии за јакнење на свеста, комуникација и приближување до јавноста: борба против недозволена трговија со културните добра во Југоисточна Европа“ има цел да го актуелизира значењето на превенцијата од трговија и од други незаконски дејства со културното наследство.

Министерката за култура Канческа-Милевска во говорот, што во нејзино отсуство го прочита  секретарот на Националната комисија на УНЕСКО Лидија Топузовска, истакнува дека Македонија има безброј артефакти со бесценета вредност, но оти се цел на недозволено ископување, трговија и изнесување во странство. Таа  посочува дека е исклучително тешко да се следи нивниот пат по излегувањето од нашата територија и нивното враќање назад. Поради тоа, е многу значајна тесната соработка на надлежните институции, како полицијата, царината, обвинителствата и информирање на јавноста за овој проблем.

Директорот на Управата за заштита на културно наследство Паско Кузман истакна дека институцијата со која раководи презема се позасилени чекори за сузбивање на  недозволената трговија, спречувајќи го одливот на непроценливо вредното културно наследство.

– Исправени сме пред исклучително тешка задача, зашто, за жал, трговијата со артефакти и културни добра е добро исплатлив бизнис на криминалните кругови. Свесни сме дека сами не сме во можност да и застанеме на пат на оваа појава и дека за поголем успех ни е потребна засилена соработка и координација на меѓународно и на национално ниво со релевантните фактори, рече Кузман, додавајќи дека за поголем успех во оваа област е потребно и подобра комуникација и подигнување на свеста на јавноста за овој проблем.

Кристоф Базил, шеф на Одделот за реституција во Министерството за образование, уметност и култура на Австрија, истакна дека се работи за меѓународен проблем кој не познава граници и дека двигатели на таа појава се, како што рече, бескрупулозни собирачи-колекционери на културни добра.

– Затоа, потребен ни е одговор против оваа појава на меѓународно ниво. Треба да се зајакне меѓународната соработка, да се продлабочи  и зголеми размената на информации меѓу нашите институции и да се зголеми свеста во нашите општества за значењето на културното наследство, рече Базил.

Промовиран е и петнаесет минутен документарен филм изработен од УНЕСКО во соработка со земјите од ЈИЕ, а преведен и на македонски.  Тој ќе биде дистрибуиран во медиумите за пораката да стигне до широката публика и да го мобилизира јавното мислење.

Во видеото прмовирано денеска се претставени културна добра кои во соработка со Интерпол биле вратени во матичните земји. Во него се потенцираат последиците од трговијата на културните добра, се укажува дека нелегалните ископувања се должат и на недоволната заштитеност на археолошките локалитети и подводното богатство, а фалсификувањето на артефактите е последица и на развиената технологија и интернетот, со што и криминалот станал софистициран. Се повикува и на претпазливост кон предмети со неидентификувано потекло и се укажува дека еден предмет изнесен надвор од својата авентична средина ја губи својата културна вредност.

Конвенцијата за мерките за забрана и спречување на недозволен увоз, извоз и пренос  на сопственост на културни добра донесена во 1970, Македонија ја ратификуваше во 1997 година.

You May Also Like