Лазар Дракул: Каде ќе живееме сега кога немаме град?

Педесет години по скопскиот земјотрес се сеќаваме на пожртвуваноста, истрајноста, непокорноста и карактерот на скопјани.

Скопје –  град на светската солидарност

Граѓаните на Скопје со генерации споделуваат исти вредности и ги карактеризира храброст, хуманост,  визија и надеж.

Скопје вечно ќе го памети топлото јулско утро на 26 јули 1963 година, кога во 5:17 часот, засекогаш се смени животот во главниот град на Македонија. Земјотрес со јачина од…..го погоди Скопје, што до ден денес е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и воопшто во Македонија. Како резултат на земјотресот, 1100 жители ги загубиле животите, најмалку 3000 лица биле повредени, а 200.000 жители на Скопје останале без покрив на главата. Осумдесет проценти од сите градби во Скопје биле срамнети со земја, а триесетина монументални градби биле оштетени, меѓу кои и тврдината Кале, Сули ан, Безистенот, Археолошкиот музеј, Народната банка, Офицерскиот дом, Железничката станица и Националниот театар. Природно научниот музеј и зградата на Музејот претрпеле големи оштетувања и претстоело рушење затоа што не било можно да се поправи.

Ретки се градовите во светот кои доживеале таква природна катастрофа и невидена катаклизма, но истовремено и толку голем одѕив за помош, искажана солидарност, љубов кон градот и настраданите жители.

За помош по земјотресот, брзо се огласи целата југословенска и меѓународна заедница. За прв пат во историјата на светската организација, за Скопје заседаваше Генералното собрание на Обединетите нации, а беше формиран Консултативен одбор и Специјален фонд при ООН за помош на настраданите. Во градот се испраќаше помош од целиот свет, а за прв пат по Втората светска војна тука се сретнаа и единиците на Американската и Советската војска.

На таквите моменти  се сеќава и Лазар Дракул, писател и сведок на моментите на катастрофалниот земјотрес, херој со храбро срце кој успеал да спаси 36 човечки животи тоа утро.

„Тито уште наредниот ден го посети Скопје со својата делегација, а средбата со него ми остави голем впечаток. Во време кога беше потребна исклучителна храброст да му се обратиш на таков великан, јас се осмелив да проговорам и му реков :
-Друже, дали може нешто да ве прашам ? –изустев.
-Прашајте слободно друже! – ми одговори тој.
– Каде ќе живееме сега кога немаме град? – прашав низ солзи.
-Немојте да се грижите. Јас уште денеска кога ќе се вратам во Белград ќе отидам во градското собрание и ќе упатам апел за помош на Скопје, а утре ќе повикам да помогнат и сите други држави – ми одговори тојˮ- вели Дракул.
Животот во прифатилиштата под шатори почна да се одвива, колку-толку, нормално. Секоја средба меѓу луѓето започнуваше со прашувањето дали сите се живи, а потоа се друго. По извесно време пристигна големна воена единица од СССР, носејќи со себе и огромна механизација. Русите започнаа со расчистувањето на урнатините кај поранешниот плоштад Слобода, вадејќи тула по тула од купиштата шут. Граѓаните не го разбираа нивниот метод на работа, сметајќи дека така се губи драгоцено време. Но, на овој начин, од под урнатините беа извлечени уште преживеани.
„Исклучително силен впечаток на мене остави средбата со тогашниот претседател на КП на СССР Никита Хрушчов. Стоев во неврзан муабет со управникот на прифатилиштето во Градскиот парк. Одеднаш пред нас запре автомобил, без никаква најава, ниту пак, обезбедување и од него излезе Никита Хрушчов.
-Здравствујте товариши! Како сте?

Во првиот момент останавме стаписани пред лидерот на најголемата држава во светот, но брзо се соземавме и му одговоривме дека сме добри.Тој не одмери, малку се насмевна и не повика да го придружуваме во неговата посета на прифатилиштето. Хрушчов уште еднаш дојде во Скопје, но подоцна беше сменет од својата функција.

По извесно време Скопје почнаа да го посетуваат и многу други светски делегации, новинари, патници-намерници. Градот полека почна да се претвора во огромно градилиште, каде од пепелот на урнатините почнаа да никнуваат нови објекти. Беа изградени цели населби со монтажни бараки, во кои скопјани почнаа да се сместуваат и повторно се врати животот онаму каде што природната стихија за миг го запре. Бројните работни акции само го забрзаа растот на нашиот главен град, а кобниот 26 јули 1963 година останува како датум паметник за сите генерации минати и идни – се сеќава Дракул.

Една интересна вест објавена во тоа време го обиколи светот. Вест во која има толку топлина и хуманост, од која не може да не ви заигра срцето: “Младата студентка Еико Музики од Јапонија испрати прилог за помош на настраданите во Скопје: дијамант – семеен спомен. Дијамантски прстен кој го добила како семејно наследство, а кој се пренесувал со генерации во нејзиното семејство.Таа била толку потресена од снимките за Скопје кои ги виделе на националната јапонска ТВ станица, што ја натерало да се откаже од највредното нешто што го поседува, а што за нејзе имало голема семејна вредност. Скопје стана град на меѓународната солидарност.

Денес, по половина век, трагичните, па дури и апокалиптични слики од тоа утро, се уште не се забораваат, зашто траумите оставиле неизбришлива трага.Тие страшни мигови тешко може некој да ги замисли, освен оној што ги доживеал и преживеал.

Оваа година одбележуваме  50 години од скопскиот земјотрес, горди на пожртвуваноста, истрајноста, непокорноста, и карактеротнаскопјани, со визија и сила која и во иднина ќе опстои!

 

You May Also Like