Стартуваше „Баскерфест 2013“

Вчеравечер, со изведбата на Италијанската акробатска трупа “Il Posto”, на фасадата од зградата на Веро центар, во организација на Здружението на граѓани „One way“, а под покровителство на Град Скопје, почна годинешното осмо по ред издание на Меѓународниот уличен фестивал „БАСКЕРФЕСТ“.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски на градскиот плоштад “Македонија” и официјално го прогласи за отворен „Баскерфест 2013“.

– Развојот на современиот туризам не може да се замисли без присуството на поливалентните вредности на културата, бидејки туризмот е синтеза на културата манифестирана преку сите свои облици и културни вредности. Град Скопје стремејќи се визуелно да ја дефинира културната мисија за оплеменување на срцето на Скопје, веќе неколку години организира настани и манифестации преобразувајќи ги соновите во јаве. Манифестацијата Баскерфест 2013 којашто по осми пат традиционално се одржува под отворено небо со учество на над триесетина меѓународни артисти и уште толку домашни, кои со своите 500-тини возбудливи акробатски, пиротехнички, жонглерски, музички и театарски изведби, е настан со кој широко се отвораат портите на Скопје кон меѓународната публика. Верувам дека во овие десетина дена заеднички ќе уживаме во спектакуларните изведби на уличните атристи кои ќе го претворат Скопје во театар на отворено, чии настапи, сигурен сум дека ќе го зголемат адреналинот на посетителите и ќе го почувствуваат шармот на Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

Трупата “Il Posto” точката ја изведе на фасадата од зградата на Веро центар, во 19 часот, а на платото пред Веро со делови од своите точки се претставија и другите учесници на фестивалот. Настапот на италијанската трупа е комбинација на акробатски вертикален танц со музика во живо и спектакуларна кореографија индивидуално креирана за секој настап поединечно.

Граѓаните на Скопје и годинава, 10 дена, ќе можат да уживаат во спектакуларните акробации на артистите од цел Свет. Баскерфест, годинава на граѓаните, ќе им понуди релаксирачки одмор и луда забава со квалитетна и разновидна музика.

Музичката програма годинава е подготвена од голем број музички бендови, зачинета со ноти на рап, реге, рок и етно музика, а во рамките на фестивалот ќе бидат одржани околу 30 концерти. Годинава Баскерфест ќе направи турнеја и низ цела Македонија. Првиот настап пред два дена се одржа во Гевгелија, а во Скопје, караванот на Баскерфест ќе остане до 23-ти, а на 3 јули Баскерфест ќе се пресели во Дојран.

На 8. Баскерфест ќе настапат околу 100-тина артисти од дваесеттина земји. Еден од поспектакуларните настапи покрај настапот на италијанската трупа „Il Posto”, ќе биде и настапот на рок групата „Star boy“  од Нов Зеланд, група составена од 9 членови која во своите настапи комбинира акробатска кореографија и употреба на пиротехнички елементи.

Деталната фестивалска програма, сите љубители на овој фестивал можат да ја најдат на веб страницата www.buskerfestmakedonija.com, а Град Скопје, годинава, за одржување на БАСКЕРФЕСТ 2013, од Буџетот издвои 900 000 денари.

You May Also Like