Донаторски концерт „Заедно посилни“

На први декември (сабота) со почеток во 20:00 часот во фоајето на МОБ, по повод Светскиот ден за соочување со ХИВ (1 Декември), ќе се одржи донаторски концерт на оперски арии.

Овој концерт се одржува по втор пат, а е организиран во партнерство помеѓу Заедно посилни – групата за поддршка на лицата што живеат со ХИВ во Македонија, која работи во состав на Здружението на граѓани ХЕРА, и Македонската опера и балет.

На концертот ќе настапат првенци и истакнати солисти на МОБ: Славица Галиќ-Петровска (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Дешира Ахмети-Крлиу (сопран), Марика Поповиќ (мецо-сопран), Александра Лазаровска-Василевски (сопран), Ирена Кавкалевска (мецо-сопран), Билјана Талевска (сопран), како и Кирил Јосифов (виолончело) и Фана Спиркоска (виола). На програмата ќе се најдат дела на П.И. Чајковски, Г. Доницети, Џ. Верди, А. Понкиели, М. Брух, Џ. Пучини, С. Гасталдон, Ж. Бизе, Ф. Чилеа и В. Белини. Солистите ќе ги прати пијано придружба од страна на Андреја Наунов, Јанинка Невчева и Милан Јанкулоски.

Главната цел на кампањата и на концертот е да се обезбеди активна јавна поддршка за намалување на дискриминацијата и стигмата кон лицата што живеат со ХИВ во Република Македонија, преку покажување општествена одговорност и прибирање средства за поддршка на лицата што живеат со ХИВ во Македонија.

Концертот е централен настан на кампањата за солидарност и поддршка за луѓето што живеат со ХИВ, организирана од Заедно посилни, а поддржана од Претседателот на Република Македонија, г-дин Ѓорге Иванов, Обединетите нации во Македонија, како и македонската поп-ѕвезда Каролина Гочева, која е и заштитно лице на кампањата. Покрај Македонската опера и балет, генерални партнери на кампањата се Програмата за развој на Обединетите нации, Националниот координативен механизам за грантовите на Глобалниот фонд против СИДА, туберкулоза и маларија, ХЕРА, Акцент медиа и Авалон.

Еден од најголемите проблеми на луѓето со ХИВ е стравот од отфрлање и исклучување. Особено често овие луѓе наидуваат на вистинска дискриминација, најчесто онаму каде самата ситуација ќе наложи да го откријат својот ХИВ-статус, а тоа се случува во здравствени институции. За жал, се уште има случаи кога луѓето се дискриминирани и им е одбиена здравствена услуга бидејќи се ХИВ-позитивни, што е неприфатливо. Наспроти тоа, ХИВ-инфекцијата е заболување како и секое друго, не се пренесува преку социјални контакти и нема причини луѓето да бидат отфрлени. Со постоечката антиретровирусна терапија животот на овие лица може да биде многу нормален, здрав, долг, продуктивен и квалитетен.

Како што истакна Каролина Гочева, „живееме во поднебје кое е исклучително подложно на предрасуди со кои се соочуваме секојдневно. Предрасудите кон луѓето кои живеат со ХИВ веројатно се неколку пати поголеми од другите предрасуди. Избраниот слоганот – „Што ако и ти беше ХИВ-позитивен“ треба да влијае на свеста на сите оние кои строго гледаат на овие луѓе и чиј живот е отежнат поради состојбата во која се наоѓаат и поднебјето на кое живеат“.

Минатата година Концертот на оперски арии по повод Светскиот ден против СИДА беше организиран за прв пат, во партнерство помеѓу Х.Е.Р.А. и МОБ.  Беше собрана донација во висина од вкупно 225.000,00 денари со кои беа набавени тестови за мерење на вирусниот товар кај лицата со ХИВ, тест кој е неопходен за следење на здравствена состојба кај лицата со ХИВ и оценување на успешноста на терапијата.

You May Also Like