Студентски семинар за маркетинг и PR

Студентската организација Борд на европски студенти по технологија (БЕСТ) – Скопје, оваа година за прв пат ќе го организира меѓународниот семинар за маркетинг и односи со јавноста наречен “beKNOWN 9”. Семинарот ќе се одржи од 30-ти ноември до 8-ми декември во Скопје и Охрид.

“beKNOWN” е тренинг настан кој се организира секоја академска година, а оваа година БЕСТ Скопје ја доби честа да биде домаќин на деветтото издание во конкуренција на повеќе европски градови меѓу кои и Лисабон.

Настанот трае девет дена во кои учесниците ќе присуствуваат на тренинзи и предавања кои ќе бидат одржани од шест обучени тренери на БЕСТ во полето на маркетингот и односите со јавноста. Покрај теоретските предавања, имплементирани се и практични вежби и примери кои се појавуваат како проблеми при промоциите на оваа студентска организација.

Избраните учесници се студенти по технологија на 20 различни Европски универзитети, од 15 европски земји, меѓу кои од Шпанија, Полска, Естонија, Литванија, Португалија, Чешка и други. За време на 36-те работни часови, учесниците ќе имаат можност да учат и работат во мултикултурна средина, учејќи од искуствата кои секој од нив ги носи од различните културни позадини од кои доаѓаат. На крајот на овој семинар тие ќе бидат 20 добро подготвени маркетинг ентузијасти кои можат да работат и да допринесат за БЕСТ како европска студентска организација да создаде подобар и попрепознатлив бренд помеѓу студентите, универзитетите и компаниите ширум Европа.

БЕСТ (Борд на Европски Студенти по Технологија) е неполитичка и непрофитна студентска организација која нуди можности за учење и личен развој и напредок за идните инженери. Постои на 93 универзитети во 32 европски земји преку мрежа на Локални БЕСТ Групи. Локалната БЕСТ Група Скопје постои веќе десет години на државниот Универзитет “св. Кирил и Методиј” и покрај семинари и работилници организира и академски курсеви, саеми за кариера и вработување – JobFair, инженерски натпревари – EBEC Skopje и одржува многубројни тренинзи за т.н. “soft skills” за своите студенти.

You May Also Like