Концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ

Седмата симфонија од Лудвиг ван Бетовен и „Рапсодијата на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов, солист Дино Имери на пијано, диригент Саша Николовски-Ѓумар, понеделник 14 мај Дом на АРМ, 20.00 часот.

Инаку Дино Имери (1990) е еден од најуспешните македонски пијанисти од помладата генерација. Потекнува од едно од најстарите музички семејства во Јужна Европа и започнува со изучување на музиката уште од најрана возраст. Нижото и средно музичко образование  ги завршува во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј во 2008 год. работејќи со еминентниот руски педагог Људмила Романова и ги продолжува своите студии на Факултетот за Музичка Уметност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Дино Имери често пати настапува како солист со Македонската Филхармонија, но и со соло-рецитали во Музејот на Град Скопје, на Фестивалот Охридско лето, Интерфест – Битола како и во важни центри за класичната музика  секаде добивајќи блескави критики од публиката и медиумите. Неодамна беше ангажиран од Европската Пијано Програма – важен проект кој содржи концерти во неколку Европски земји (Франција, Македонија, Молдавија, Полска и Австрија), но и на семинари со светски познати музичари од целиот свет и предавања за културата на земјите во посета. Покрај соло концертите, Дино Имери исто така е и камерен музичар свирејќи пијано-дуо со нашата позната пијанистка Марија Ѓошевска, со виолончело како и во состави со вокалисти. Учествувал на неколку семинари со светски познати професори, а за своето досегашно пијанистичко искуство има освоено и многу награди и признанија.

You May Also Like