Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вечерва (петок, 11 мај 2012 година) со почеток во 20:00 часот, ќе ја отвори изложба на Јован Наумоски со наслов „Метаморфози на просторноста“.
Јован Наумоски во неговото истражување и експериментирање со материјата, за императив има да ја допре специфичната илузија на една поинаква просторност од дадената, како и илузија на двојна перспектива третирајќи ги ефектите на транспарентноста, рефлексијата (стаклени плочи и друг рефлектирачки материјал) и ефектот на отсликовноста (огледални плочи).
Воведувањето оптичка илузија на двојна перспектива е само еден дел од проблемот со кој се занимава, а исто така и повеќедимензионалноста, раслоеноста и преобразбата на просторноста, при што секој елемент е дел од една мозаична целина, но истовремено води кон различни перцепции на “друга просторност” и комбинирајќи прави повеќе паралелни слики и нарации во рамките на решението. “Треба да биде јасно дека просторот не е ништо друго, туку само еден облик на партикулација без самостојна реална егзистенција… Просторот постои само во врска со нашата партикуларизирачка свест”.
Може да се рече дека минималистичките искуства и постапки се основата на неговите настојувања и резултат во затворањето на сегментите и на целото во овој проект што се заснова врз создавање предмети, слики, скулптури чија вредност е исклучиво естетската.
Изложбата ќе трае до 20 мај 2012 година.