Концерт на кларинетистите Петров и Ѓоревски на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ вечерва на програмата е концерт на кларинетистите Петров и Ѓоревски …

Svета_Sofija_Ohrid_011

Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со целовечерен концерт во катедралната црква „Света Софија“, со настап на тројца уметници, кларинетистите Сергеј Петров од Русија и нашиот Ристо Ѓоревски, во пијано придружба на Елена Атанасовска – Ивановска.

Сергеј Петров е руски кларинетист кој веќе долги години активно учествува во музичкиот живот на Русија, но и надвор од него. Се образувал на руската музичка академија „Гнесин“, во класата на професорот И.П.Мозговенко. Во 2000 година започнува неговата богата творечка активност. Три години се наоѓа на местото солист на симфонискиот оркестар „Руска филхармонија“, работи и како водечки солист и концерт-мајстор на групата кларинети при оркестарот на Академскиот Бољшој театар на Русија, член е и солист во дувачкиот квинтет при „Бољшој театарот“, а истовремено активно ја гради и својата солистичка кариера. Соработувал со повеќе реномирани ансамбли и диригенти.

Ристо Ѓоревски завршува додипломски и постдипломски студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Иван Кочаров. Активен е како солист и член на различни камерни состави и оркестри во Македонија и надвор од неа – Австрија, Албанија, Србија, Словенија, Бугарија, Русија, САД, Индонезија и др. Добитник е на неколку награди на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Во моментов е активен член на Скопскиот дувачки квинтет.

Елена Атанасовска-Ивановска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Борис Романов, со највисока оцена ЦУМ ЛАУДЕ. Редовно настапува во земјава, но и надвор од неа – во Грција, Србија, Шпанија, Португалија, САД и др. Работи како уметнички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

На програмата се дела од Менделсон, Пуланк, Оленчук, Ковач, Розенблат, Имери.

You May Also Like