Со цел учесниците на 15-тото издание на Интернационалниот детски музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” да се запознаат со дел од македонската култура, денеска тие имаа прием кај Митрополитот Петар во храмот ,,Св.Димитрија,, во Битола кој им подари икони од македонски светители.
“Запознавањето со целокупната култура што ја поседува Битола па и Македонија и МПЦ е важен настан за учесниците на фестивалот, но и за нас како народ, како нација и како црква бидејќи со тоа ја претставуваме нашата изворна култура и нашето национално историско, културно и црковно богатство.”-истакна Митрополитот Петар.
Битола од 13 до 16 август е домаќин на 15-тото издание на Интернационалниот детски музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” на кој учестуваат 40 млади музички таленти од 16 држави во светот. Покрај учесниците од Македонија, на фестивалот настапуваат деца солисти и делегации од Португалија, Русија, Малта, Ерменија, Украина, Словенија, Романија, Полска, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Србија, Албанија и Косово.
“Секоја година на фестивалот учествуваат солисти од голем број држави во светот презентирајќи ја својата култура, разменувајќи искуства и ширејќи го духот на културната соработка, со што фестивалот прераснува во една од најголемите манифестации од овој тип во Европа. Детскиот музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” е единствена манифестација во Република Македонија, каде солистите ги изведуваат своите композиции во живо, врз база на музичка подлога односно матрица.”-истакна денеска на прес конференција во Битолар раководителот на фестивалот Тони Алексовски, кој е член во жири комисијата на десетина фестивали ширум светот и кандидат за почесен член и амбасадор на детскиот мир од Светската асоцијација на фестивали и уметности WAFA.
Претставник на Македонија во жирито е македонската пејачка Маргарита Христова која истакна дека Битола е расадник на музички таленти. “Младите музички таленти кои настапуваат на фестивалот се носители на голем број меѓународни музички награди, а Битола преку фестивалот ,,Тра ла ла,, има можност да ги слушне најдобрите детски гласови од цел свет.”-рече Христова.
Фестивалот има натпреварувачки карактер, а според проценката на десет членото меѓународно жири, за најдобрите изведувачи ќе бидат доделени прва, втора и трета награда, како и Гран при на фестивалот. Гала концертот со победничките композиции, како и со популарни гости и звезди од македонската естрада и учество на културно – уметнички друштва ќе се одржи на 16 август со почеток во 19 ч. во Големата сала при Центарот за култура во Битола, кога ќе бидат доделени и наградите на фестивалот.
Фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА” е дел од битолско културно лето Битфест со поддршка на општина Битола и градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески.