Објавени добитниците на наградите за афоризам и карикатура од фестивалот „Пијанец 2014“ во Делчево …
Жири комисијата на Меѓународниот фестивал за хумор и сатира „Пијанец 2014“ денес ги објави резултатите од наградниот конкурс за афоризам и карикатура. Од пристигнатите трудови на еколошката тема „Зелено зелено“ првата награда за трајни вредности и посебен придонес во развојот на хуморот и сатирата во Република Македонија е доделена на Миро Георгиевски за карикатура и на Иван Карадак за сатира.
Наградите што ги доделува НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров„ ги добија Кети Радевска и Зденко Пухин за карикатура и Деана Саиловиќ и Екрем Мациќ за афоризам. Добитници на плакети за афоризам се Васил Толевски – златна, Братислав Костадинов – сребрена и Веселин Сидаров – бронзена.
Златна плакета за карикатура доби Каи Веидонг од Кина, сребрена Владимир Казањевски од Украина и бронзената Али Ронагијан од Иран.
По препорака на жири комисијата специјалните награди годинава ги добија Вељко Рајковиќ, Живко Продановиќ, Ленче Стоименова и Нинус Несторовиќ за афоризам, а за карикатура Јовчо Савов, Мехди Азизи, Лук Дешимејкер, Иваило Цветков, Саша Димитријавиќ и Сантијаго Корнехо. Наградите ќе им бидат врачени на добитниците на третата интернационална вечер на хумор и сатира што ќе се одржи на 26 септември во Делчево.