Концерт на духовна музика

Вечер (24 декември, понеделник) со почеток во 19:00 часот во храмот „Рожденство на пресвета Богородица“ Скопје ќе се одржи последниот концерт во оваа календарска година на Факултетот за Музичка Уметност. Под диригентската палка на проф. Сашо Татарчевски на концертот ќе настапи добитникот на Првата награда „Златен ангел“ на меѓународниот хорски натпревар во Краков- Полска, хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ.

–    По успешните концерти на Симфонискиот оркестар на ФМУ, како и на Биг Бендот, утревечер концерт на духовна музика ќе одржи хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ кој е значаен фактор во музичкиот живот на Република Македонија. Неговиот репертоар опфаќа композиции од ренесансата па се до најсовремени творби, како а-капела така и вокално – инструментални композиции. Посебен настан секоја година претставуваат концертите на духовна музика во храмовите на Македонската православна црква и католичката црква во Македонија. Својот квалитет и напредокот во последните неколку години хорот ги потврдува и со освојувањето награди на меѓународни хорски натпревари. Како резултат на тоа, хорот е редовно поканет да учествува на реномирани хорски фестивали низ целиот свет на што сме особено горди – изјавува Деканот на ФМУ Гордана Јосифова – Неделковска.
На концертот насловен „Запад- Исток“ утревечер ќе бидат изведени духовни дела меѓу кои се: Химна кон Девицата, Алилуја, Отче Наш, Богородице дево, Вјерују ( од Литургијата  по св. Јован Златоуст).

Влезот и за овој концерт на ФМУ е бесплатен.

You May Also Like