Стручен тим од Институтот „Јунус Емре“ од Истанбул заинтересеран за ориенталните и словенските ракосписи, заедно со експерти од НУБ „Свети Климент Охридски“ работат на подготовка на ракописите за дигитализација.
Најпрво ќе бидат направени дигитални фотографии од ракописите, а потоа ќе се преземаат следни чекори за заштита на културното наследство.
Од НУБ очекуваат дека овој проект ќе придонесе и за усовршување на нивните кадри кои и онака се во мал број, како и за набавка на соодветна опрема за дигитализација.
На целата територија на Македонија има неколку десетици илјади оринтални арапски, персиски и турски ракописи. Околу 4.000 од нив, се депонирани во Националната универзитетска библиотека. Најстариот датира од 11 век, а останатите се напишани во периодот до 20 век.
Инаку дел од словенските ракописи од Македонија, кои во октомври минатата година беа претставени во Брисел, на 21 мај ќе бидат изложени и во Стокхолм, Шведска. Овој пат, наместо 39 оригинални ракописи, ќе бидат претставени 45.