Конкурс за учество на Венециското биенале на уметноста

Министерството за култура на својата веб-локација и во дневниот печат го објави Конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Македонија на „56-та Интернационална ликовна изложба“ во Венеција во 2015 година.

venecisko bienale NGM Elpida Hadzi Vasileva (2)

Претставувањето на Република Македонија на оваа престижна манифестација, која е во организација на „La Biennale di Venezia“ (Биенале во Венеција), е од големо значење и е можност за промоција на македонската култура и уметност пред земјите-учеснички од целиот свет.

За таа цел, Министерството за култура обезбеди средства од Буџетот кои ќе бидат наменети за самостојна изложба на дело на автор со над 10-годишна творечка дејност или за изложба на проект изработен од група автори. Учесниците на Конкурсот треба да исполнат соодветни услови и критериуми кои се содржани во образецот на пријавата која е составен дел од Конкурсот и е објавена на веб-локацијата на Министерството за култура.

Учеството на македонски уметници на Биеналето на уметноста во Венеција е дел од стратегијата на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за афирмација на македонското уметничко творештво и за грижата тоа да биде дел од меѓународните културни случувања во светот. Биеналето е уште една можност да се укаже на разновидноста на уметничките позиции, репрезентативните потенцијали и значењето на работата на поединци кои дејствуваат на нашата и на интернационалната уметничка сцена.

Република Македонија досега учествуваше девет пати на Венециското биенале на уметноста и пласираше врвен квалитет давајќи го својот максимум при претставувањата, а таквата практика ќе продолжи и во иднина.

You May Also Like