Денеска (30 септември, вторник) во клубот ГЕМ ќе се одржи дебата на тема „Преведуваме светови, или само зборови?“.
Дебатата е по повод 30-ти Септември – Светскиот ден на преведувачите, организатор е Издавачката куќа Готен, во соработка со Европската мрежа за книжевност и книги Традуки,а почетокот е закажан за 19:30 часот.
Ќе учествуваат преведувачите: Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Огнен Чемерски, Стефан Симовски (претседател на Здружението на преведувачи), Ксенија Чочкова (интернет обраќање), академик Влада Урошевиќ (автор и преведувач), Ирена Брежња (авторка, Швајцарија, интернет обраќање), интернет поврзување со дебатата во Сплит, во организација на ЗГ Курс.
Домаќин: Роберт Алаѓозовски
Издавачката куќа Готен, во соработка со Европската мрежа за книжевност и книги Традуки, ќе го одбележи 30-ти Септември, Светскиот ден на преведувачите. Во духот на партнерите поврзани во мрежата Традуки, издавачката куќа Готен, Пен Центарот на Босна и Херцеговина, здруженијата на граѓани: Крокодил од Белград, Курс од Сплит и Мултимедијалниот центар од Приштина, денот ќе се одбележи критички, преку отворена дебата во која ќе се продискутира за состојбите со книжевниот и воопшто со преводот во Македонија. Со поврзувањето пак, сакаме да укажеме на потребата од меѓународно партнерство и споделен пристап во остварувањето на благородната цел за преведување и доближување на културите во светот.
Потребата за критички осврт кон преведувањето е голема во Македонија затоа што со неколкуте владини проекти се стекна впечаток дека состојбите во преводот се значително напреднати, со промоција на нова генерација преведувачи и унапредување на целокупната состојба во еснафот. Сепак, во јавноста, во разни прилики, беше укажано и на недостатоците кои ваквите големи проекти ги носат. Се случува да се ангажираат преведувачи без доволно искуство, преведувачкиот надоместок да е премал, да се преведува буквално, па дури и целосната продукција да е под стандардите. Тргнувајќи од овие почетни премиси, ќе се обидеме да ги согледаме генералните проблеми со преводната литература кај нас, проблемите на еснафот и статусот на преведувачите. Сакаме да укажеме на фактот дека преведувањето не е само на јазично, ами на многу поголемо ниво. Дека за квалитетен превод е потребно огромно познавање не само на јазиците, туку и на културите кои се преведуваат. Дека книжевниот превод е еден вид доближување на културите и имагинациите. Дека бара слобода, критичност и голем дух, кој во актуелната културна клима во земјата не се негува. И дека тој дух дополнително се притиска со краткоста на роковите и малите преведувачки надоместоци.
Во текот на дебата ќе се обидеме да оствариме скајп скајп врска со странски преведувачи и писатели, со што дополнително ќе ја зголемиме важноста на дебатата, вклучително и нејзината европска димензија. Преку таква врска ќе ни се обрати преведувачката Ксенија Чочкова, која во моментот живее во Германија, како и Ирена Брежна, чија книга „Неблагодарната туѓи(н)ка“ тукушто излезе во превод на македонски, чија тематика е токму преведувањето помеѓу два јазика и две култури, привилегијата што ја ужива но и забранетите табуа со кои секој познавач на два јазика и на две култури се среќава.
Дебатата ќе заврши со дружење помеѓу преведувачите, авторите, издавачите и публиката.