По повод 10-та годишнина од востановувањето на наградата, годинава таа ќе биде доделена во три натпреварувачки категории и тоа за најдобар новинарски напис и за најдобра репортерска фотографија објавени во печатени медиуми и/или на интернет, и за најдобра аматерска фотографија.
Творбите што ќе учествуваат во трите категории треба да се авторски написи, односно фотографии објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, објавени во периодот меѓу 1 јануари и 8 ноември 2012.
Конкурсот за најдобра репортерска фотографија е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од земјата и може да поднесат до три фотографии на теми поврзани со ЕУ и пристапувањето на земјата кон Унијата. Наградите се состојат во статуетка, диплома и парична награда од 1.000 евра.
Конкурсот за најдобра аматерска фотографија, пак, е отворен за сите фотографи аматери од земјата кои може да достават една фотографија на тема поврзана со ЕУ или пристапувањето на земјата кон ЕУ. Фотографиите што се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени.
Жирито ќе се состои од пет члена – претставници на Делегацијата на ЕУ, на Министерството за надворешни работи, професионален фоторепортер добитник на минатогодишната награда „Жан Моне“, претставник на академската заедница и почесен претседател на жирито.
Рокот за доставување на пријавите е до 17 часот на 8 ноември, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 13 декември.