Канческа-Милевска во Брисел

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера (вторник, 9 октомври, 2012) во Брисел оствари средба со генералниот директор на Генералниот директорат за образование и култура, Јан Трушчински.

На средбата беше истакната успешноста на  Министерството за култура на Република Македонија во реализацијата на проектите од програмата  „Култура 2007-2013“ на ЕУ. Ова особено се однесува на искористеноста на европските фондови во областа на издаваштвото, поддршката на фестивали, како и културната соработка со други земји при што Република Македонија се споредува со Словенија и Хрватска.

Министерката Канческа-Милевска ја поздрави иницијативата за наше вклучување во новата програма на Европската комисија, „Креативна Европа“, која претставува исклучително важен потенцијал во реализацијата на зацртаната културна политика на Република Македонија.
На средбата беше истакнато и задоволството од финансиската помош што ја дава Европската комисија преку ИПА-фондовите со што се поттикнуваат локалниот развој и условите за реализација на културните содржини.

Канческа-Милевска подвлече дека, следејќи го трендот во сите европски држави, еден од главните приоритети  на Министерството за култура е развојот на креативните индустрии. За таа цел, Министерството за култура ја усвои и Стратегијата за развој на креативните индустрии. На средбата г. Трушчински истакна дека Европската комисија изготви документ за развојните правци на културата на локално и на национално ниво, како и повеќе инструменти за поттикнување на развојот на креативните индустрии.

На средбата се дискутираше и за практиката на Европската Унија да прогласува „Европска престолнина на културата“ при што министерката Канческа-Милевска покажа интерес главниот град Скопје да биде кандидат за оваа престижна титула во некоја од наредните години. Таа истакна дека иако Република Македонија не е членка на Европската Унија, сепак располага со добра инфраструктура и е подготвена да одговори на предизвиците што со себе ги носи титулата „Европска престолнина на културата“. Исто така, таа ја поздрави иницијативата на секои три години одреден град од земјите кои не се членки на ЕУ да биде носител на оваа престижна титула.

You May Also Like