Во рамки на „Меѓународните денови на Општина Центар 2012“ беше потпишан Меморандум за соработка со кој меѓусебно се вмрежија сите 6 општини, со кои е збратимена Општина Центар: Стари Град (Белград),Вазраждање (Софија), Шевченкиевскиот реон на државната администрација на Киев,Чанкаја (Анкара) и Бејоглу (Истанбул).
Овој документ има за цел да ги унапреди добрите односи и да создаде поволни услови за различни видови на меѓународна соработка.
Со потпишувањето на овој Меморандум, општините се согласија дека постојат поволни услови за долгорочно соработување на локално ниво, особено во следните области: стопанство,образование, култура, туризам, соработка помеѓу мали и средни претпријатија и друго.
Во време кога светот поради брзиот развој на комуникациите станува се помал и помал, вистински предизвик е една општина да ги следи светските трендови и на своите жители да им овозможи квалитетен и удобен живот. Од тој аспект вмрежувањето на општините и размената на меѓусебните искуства е еден од главните критериуми за успешно раководење на една општина.
Со овој Меморандум на административните служби на општините, слични едни на други од различни делови на Европа, им се овозможува да соработуваат на сите можни нивоа.
Секое искуство и секоја соработка која што Центар ја има со друга општина од Европа, вродува со нови идеи и решенија за проблемите со кои што се соочуваат нејзините граѓани. Меѓуопштинското партнерство е од големо значење, бидејќи претставува инструмент за имплементирање на искуства и планирање на стратешки цели. За таа цел, Општина Центар во својата програма става посебен акцент на меѓународната соработка и нејзина афирмација во регионот и пошироко