Одборот за доделување на наградата „13 Ноември” на Град Скопје, деновиве објави Конкурс за доделување на оваа престижна награда на Градот Скопје, за 2012 година.
– Наградата „13 Ноември” на Градот Скопје се доделува на физички и на правни лица како знак на признание на Градот Скопје, за остварувања, во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на Градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.
– Наградата за значајни остварувања во областите од претходната точка се доделува и на физички и на правни лица од други држави.
– На ученици и на студенти Наградата се доделува за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредокот и афирмацијата на Градот Скопје.
– Наградата се доделува за остварувања во изминатиот период од една година (сметано до завршувањето на конкурсот), како и за подолг изминат период којшто претставува заокружена творечка или континуирана работна целина.
– За поединци, група творци, паричен износ.
– Наградата за правни лица од земјата и за физички и правни лица од други држави се состои од диплома и плакета.
Право на предлагање кандидати за Наградата имаат правни и физички лица. На поранешен добитник наградата може да му се додели повторно, но не пред истекот на 10 години од добивањето на последната награда.
Предлогот за Наградата треба да биде детално образложен, а за кандидатите поединци да содржи и биографија. Кон предлогот за доделување на Наградата за печатени дела и други изданија се приложуваат и два (2) примерока од делото. Предлагачот е потребно да ги наведе својот полн назив, адресата и телефонскиот број.
Формулар за конкурирање за Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, може да се подигне во приемната канцеларија на Градот Скопје или да се најде на веб страницата www.skopje.gov.mk. Предлозите се поднесуваат во 3 примероци до Одборот за доделување на Наградата “13 Ноември” на Град Скопје (Град Скопје-Градски парк), Приемна канцеларија. Информации на телефон 3297-357 и 072 272-473.
Конкурсот трае заклучно до 10 септември 2012 година.