Во вториот број на првиот македонски електронски неделник за култура „Репер“, кој за читателите е достапен од саботата (30 март, 2013), oбјавени се неколку ексклузивни текстови.
Познатиот македонски археолог д-р Виктор Лилчиќ првпат на пошироката македонска јавност и` претстави еден агријанко-пајонски град на Пчиња, Кумановско, кој исчезнал во виорот на келтско-галската војна на почетокот од III век пред н.е. Лилчиќ ексклузивно во Репер ги претстави дел од новите научни сознанија до кои има дојдено во текот на истражувањата спроведени во септември 2012 година и во периодот февруари и март 2013 година. Со овој текст на професорот Лилчиќ, Репер ќе стартува патувања до најактуелните сознанија на богатата македонската археологија кои ќе бидат и редовен дел од нашите содржини.
Рубриката „Народен календар“беше биде промовирана во овој број на неделникот а ќе ја води проф. д-р Нина Анастасова-Шкрињариќ. Првиот текст е „Соларниот код во календарските празници“ – текст во кој аргументирано се укажува дека дешифрирањето на соларниот код во календарскиот празничен обреден комплекс покажува дека поважните празници во народниот календар имаат нагласен соларен предзнак. Кон овие астрономски точки се прикрепени најголемите пагански свечености чија обичајна пракса се изведува честопати и денес. Оваа рубрика по своите карактеристики ќе се издвојува како една од ретките во домашниот медиумски простор.
Во вториот број на Репер, уводната реч му е препуштена на режисерот и писател Александар Русјаков, автор на серијалот Еднооки, а во текстот „Нема добра и лоша уметност“ од актерката Синоличка Трпкова се претставени низа лични ставови за македонската култура денес.
Објавено е и ексклузивно интервју со еден од најпровокативните бразилски автори, претставник на книжевната авангарда, Сержио Сант’Ана, по однос на појавувањето на романот „Деликатно злосторство“ во превод на македонски јазик.
Во рубриката „Македом“, своите импресии од Македонија, овојпат ги искажува Олга Панкина, поетеса и преведувач од Моска и голем промотор на македонската култура во Русија, а претставени се и неколку нејзини уметнички слики, изработени во техниката масло на платно и инспирирани од убавините на нашата држава.