Катрин Денев е веќе во Битола

Француската актерка со светска слава Катрин Денев, денеска (петок, 14 септември) пристигна во Битола. Таа е ексклузивна гостинка на 33 -от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.


Катрин Денев утревечер на свеченото отворање на фестивалот ќе ја прими специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес кон светската филмска уметност.

Денев е сместена во еден од апартманите од ВИП одделот на хотелот „Епинал“. Во Битола е очигледна огромна раздвиженост. Центарот за култура е полн со луѓе кои ги вршат потребните активности. Центарот на градот се трансформира во нов жолто-портокалов лик. Тимот се обидува да одговори на сите предизвици. Во Големата сала течат пробите од специјалната програма за отворањето. Во кафулињата на големо се расправа за очекувањата од црвениот тепих и за филмските изненадувања на големото платно. Сместувачките капацитети се пополнети до последното место. Накратко, подготовките се движат кон својот крај, информира ИФФК „Браќа Манаки“.

Во Големата сала во Центарот за култура во Битола, Денев в недела претпладне ќе присуствува на разговар со заинтересирани филмофили, новинари, студенти, филмски автори, на едночасовна отворена средба. Истиот ден од 13:30 во нејзина чест ќе биде прикажан филмот „Последното метро“ за кој ја има освоено наградата „Цезар.

Инаку, освен Денев која најверојатно е најголемата ѕвезда што некогаш присуствувала на овој фестивал, годинава, од главната програма има рекорден број на гости т.е. од 11 филма доаѓаат 7 сниматели на фотографија. Битола ќе ја пречека и најголемата полска кинематограферка која е на врвот на својата кариера, Јоланта Дилевска, потоа, една од водечките француски кинематограферки, Елен Лувар која соработувала со познатиот режисер Вим Вендерс на 3Д спектаклот Пина. Покрај нив, доаѓаaт и Луц Рајтмаер, еден од лауреатите на годинашниот Берлински филмски фестивал, и Русинот Алишер Камикоџаев, како и двајца кинематографери кои својот печат го оставија во македонската филмска продукција: Клаус Фуксјегер, искусен австриско-чешки кинематографер кој на неколку наврати снимал и со режисерот Иво Трајков и Дејан Димевски, еден од најталентираните македонски кинематографери од помладата генерација кој гради интернационална кариера.
Од програмата „Нови визии“, годинава ќе ја имаме македонската премиера на филмот на Иво Трајков Берлин проект, за кој од Германија ќе пристигне актерот Блерим Дестани. Во оваа програма го носиме и врвниот директор на фотографија Даввид Редекер, кој неодамна ја доби престижната награда за фотографија  во Санденс токму за филмот кој се проектира во Битола.
Од документарната програма ќе ни пристигне Хана Хемила, позната како долгогодишен продукциски партнер на Аки Каурисмаки и извршен продуцент на неговиот филм Лавр, што беше прикажан во официјалната компетиција на Кан 2011. Исто така ќе гостува и реномираниот словенечки филмски режисер Дамјан Козоле, почитуван со својот неоспорен талент и наградуван на 70 фестивали ширум светот, исто како и Дана Будисављевиќ од Хрватска, една од најангажираните режисери од младата генерација филмски уметници во Хрватска, која со својот социјален ангажман покренува важни прашања.

Годинашното, 33. издание на Фестивалот, се одржува од 15 до 21 септември 2012 година, под мотото „Продолжи да создаваш“.

 

 

You May Also Like