„Фотографијата во фокус“ во Музејот на современата уметност

Денес, (петок, 9. декември 2011 година) со почеток во 13:00 часот, во НУ Музеј на современата уметност, ќе се отвори изложбата на фотографии „Фотографијата во Фокус“. Изложбата ќе биде отворена се’ до 7 јануари 2012.

Куратор на изложбата Зоран Петровски:

Непосредниот поттик за организирањето на оваа изложба се две поголеми аквизиции на фотографии од Живко Јаневски, (десет откупени и 23 подарени дела од семејството Јаневски ) и од Иво Велјанов (десет откупени и над сто подарени дела) кои од неодамна станаа дел од колекцијата на Музејот на современата уметност. Посебната вредност на овие две аквизиции произлегува од фактот дека се работи за дела кои се репрезентативни не само во творештвото на двајцата уметници, туку исто толку и во однос на нивното исклучително значење за историјата на македонската фотографија во ХХ век (делата на Јаневски се настанати во шеесеттите години од ХХ век, а на Велјанов од 1976 до средината на осумдесеттите години).

Покрај овие аквизиции, Музејот во текот на последните неколку години доби значајни донации и од уште една редица други уметници (како на пр. од Милчо Манчевски, Керол Чо&Марко Георгиев, Едвард Луси Смит, Роберт Јанкулоски, Виолета Чаповска, Љупка Делева, Ирена Паскали, Оливер Мусовиќ, Елизабета Аврамовска и др.) со кои се збогати музејската фотографска колекција на овој медиум, кој во последните триесетина години доживеа огромна експанзија и примена во уметноста и во застапеноста во музејските колекции.

Целта на изложбата е да ја презентира за прв пат од постоењето на МСУ, фотографската колекција во најширок распон на дела од класичните фотографски листови, до сите оние кои во било која форма во себе го вклучуваат овој медиум. Изложбата претставува и обид да се видат делата на редица уметници во интернационалната колекција кои досега не биле никогаш изложени и да се истражат вредностите на тие дела во контекст на нивното вкупно творештво.

На изложбата се застапени над четириесет уметници, со околу 150 дела.

You May Also Like