Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (среда, 29 август, 2012 година), оствари кратка средба со годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата“, еминентниот поет од Јужноафриканската Република, Монгани Вали Сероте.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, директорот на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, Мите Стефоски и претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорго Димоски, Сероте ја изрази својата огромна благодарност за убавиот пречек и додаде дека посетата на Република Македонија долго ќе ја памети.
Министерката за култура Канческа-Милевска, изразувајќи задоволство од годишнатото издание на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ истакна дека од особено значење е во наредниот период да се воспостави комуникација и културна размена помеѓу Република Македонија и Јужноафриканската Република.
Канческа-Милевска, гостинот од Јужноафриканската Република, го информираше и за бројните инвестиции кои Владата на Република Македонија и Министерството за култура ги спроведуваат во областа на културата, како и за проектите за меѓународно претставување на нашата земја. Министерката за култура го потенцираше и значењето на конференцијата за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која следната година по трет пат ќе се одржи во Охрид и на која покана за учество ќе добијат и претставниците на религиите од оваа земја.
Монгани Вали Сероте со својата сопруга, во текот на денешниот ден посети и повеќе културно-историски споменици во Скопје, меѓу кои и Спомен-домот на Мајка Тереза и Музејот на македонската борба.