Канческа-Милевска во работна посета на Кавадарци

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (четврток, 28 март) престојуваше во работна посета на Кавадарци каде со градоначалникот Александар Панов го посети „Музејот на вкусовите“, кој е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде промовиран пред јавноста.

Во Музејот се претставени 500 експонати од кои дел се во негова сопственост, а дел се од приватни колекционери и низ нив се презентира несекојдневна поставка која ги доловува начинот на живот, обработката на земјата, производството на храна, лозарството и сето она со што се занимавале луѓето кои живееле во овој крај.

Министерката го посети и Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ каде што се обрати на отворањето на изложбата на уметнички дела создадени од тиквешките ликовни уметници кои живеат или се со потекло од Кавадарци.

Денеска ја отвораме изложбата на 25-те вредни остварувања на уметниците од Кавадарци кои се вистинско богатство и кои симболично, со денешниот настан, ќе и бидат подарени на општината Кавадарци како гест на благодарност до градоначалникот Александар Панов за неговиот придонес и ангажман во негувањето на културните вредности во овој град – истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека оваа иницијатива уште еднаш ги потврдува партнерскиот однос и одличната соработка меѓу институциите од областа на културата и локалната самоуправа во овој град, иницијатива која говори за изградената заедничка свест и стратегија за развој на културата во општината Кавадарци.

Од Кавадарци потекнуваат голем број уметници, голем број корифеи на македонското сликарство кои создавајќи капитални ликовни дела, со своето творештво силно ја промовираа македонската уметност во светот. На изложбата се презентирани дела од: Петар Мазев, Глигор Чемерски, проф. Симон Шемов, Владимир Темков, Ристо Соколов-Сокол, Елпида Хаџи-Василева, која годинава ќе ги брани боите на Република Македонија на престижното Биенале на уметноста во Венеција и други.

Министерството за култура континуирано поддржува голем број проекти од сите дејности од областа на културата во Кавадарци, и тоа: концерти, ликовни изложби, драмски претстави, како и настани кои во текот на годината го афирмираат Кавадарци како центар во кој се негува хорската музика и се презентираат сите хорски состави од училиштата во Република Македонија.

Меѓународниот тиквешки рок-фестивал, Меѓународниот џез-фестивал, Меѓународната ликовна колонија која стана бренд на Македонија во Европа, Фестивалот на камерна музика, Тиквешкиот гроздобер, како и неодминливата Кавадаречка културна есен се само дел од настаните кои го збогатуваат културниот живот на Кавадарци.

You May Also Like