Од 21-24 март, Република Македонија ја претстави својата атрактивна туристичка понуда и потенцијал на саемот за туризам во Гетеборг, Шведска.
Во организација на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Амбасадата на Република Македонија во Шведска и Инвест Македонија, после долго време Шведските љубители на патувањата и Шведските тур оператори повторно добија можност да ја видат убавината која Македонија ја поседува.
На огромен штанд, туристичката понуда и капацитети ги презентираа Македонските инкаминг тур оператори Mac Sun Travel и Visit Macedonia, а присутни беа и туристичките агенции Simonium и Fibula Travel и хотелската асоцијација HOTAM.
„Повеќе од задоволен сум како течеше саемот. Беа направени состаноци кои ветуваат многу со едни од најголемите и најпознати тур оператори во Шведска како Scandjet, Appolo, Focus Travel и The Travel Collection. Огромениот интерес за Македонската кујна е она што ме остави без текст, додека интересот за Спа туризмот заедно со Здравствениот и Ловниот туризам се веднаш зад него. Швеѓани се многу љубопитен народ, отворен за нови предизвици и авантури’’ – рече Никола Костадинов, претставник од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Амбасадорот на Република Македонија во Шведска, г-дин Кире Илиовски изјави дека саемот во Гетеборг на кој после долг временски период Македонија се претстави со брендиран штанд, ќе го зголеми интересот на светските туристи за Македонија, и додаде дека: “Воспоставувањето на директна авио линија на релација Скопје – Стокхолм со Wizz Air и зголемувањето на субвенциите од 25 евра на 65 евра за тур оператори од Скандинавските земји ќе придонесе во наредниот период Македонија да биде на туристичката мапа на Скандинавските тур оператори. ”
Ова е 12-от по ред саем за туризам на кој Република Македонија ја претстави својата туристичка понуда.