Во рамките на агендата за посета на националните установи од областа на културата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера (четврток, 4 октомври, 2012 година) оствари работна посета на Центарот за култура во Дебар каде што се запозна со актуелните и идните проекти кои ги реализира оваа институција.
На средбата со директорот на оваа национална установа Артин Спахиу, министерката за култура го истакна своето задоволство од програмските содржини од различните дејности од областа на културата кои се реализираат во Центарот за култура, а се финансирани преку Годишната програма за 2012 година.
Од особено значење за функционирањето на оваа установа е и фактот што годинава се издвоени средства за уредување на влезното плато пред објектот со што Центарот за култура ќе добие нов лик, а во наредниот период приоритет ќе биде и санација и адаптација на подрумските простории во установата.
Во изминатите години беа издвоени средства за реконструкција на покривот, за набавка на опрема за интернет-читалницата, за адаптација на просторија за шалтер, за комплетно озвучување на концертната сала, како и за набавка на аудиовизуелна техника.