Тони Цифровски е долгогодишен новинар и водител во Македонската радио-телевизија,страствен проследувач на културните настани кај нас, човек со енциклопедиско и системско знаење на наслови, дела, автори изведувачи, „подвижна“ база на податоци за се’ што се одиграло на македонскатa културна сцена во последните 20 години, еден од ретките вистински новинари од културата.
Неговата љубов кон филмот професионално ја „материјализира“ во своите радио прилози во емисијата „Културна клучалка“ (која во континуитет бележи импозантни 2300 изданија), како и во проектот „Нека биде филм“ реализиран на Македонската телевизија. Во последните неколку години неговите филмски рецензии излегуваат во дневниот весник „Дневник“.
Собрани во книга, рецензиите во минатата недела беа промовирани во Кинотеката на Македонија. Книгата ќе има и своја промоција на 19 септември на 33-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Филмската критика кај нас е вистинска реткост, а нејзинното „вдомување“ меѓу две корици – настан. Тоа беше доволна причина да поразговараме со Цифровски за што се’ е „Кинеење“.
cOoLTuRa: Одбравте специфичен наслов со кој ги обединувате 60-те филмски рецензии под едно име „Кинеење“, односно поднасловот „кино-живеење“, но не може, а да не се помисли и на кинење како искината киноструктура, како искината филмска и кино-култура или кино –понуда кај нас..?
– Сосема прецизно ги дефинирате поттекстовите на еден наслов кој сака да укаже токму на невремето за киното (како дистрибуција и прикажување) кај нас. Занемарливиот број кино сали во едноцифрен број општини во земјава е поразителен за вкусувањето на седмата уметност кај нас, па „Кинеење“ со пресекот филмски рецензии, меѓу другото, укажува и на очајната кино понуда на редовниот репертоар, единствено и ретко надополнувана со по некое фестивалско прикажување на наслов по кој копнее домашната кино публика.
cOoLTuRa: Филмската критика кај нас е се поретка, малку медиуми „имаат слух“ за овој жанр, а пак нејзиното објавување во книга е настан во секоја смисла на зборот. За која публика е наменета книгата?
– Загрижувачки е колку се’ повеќе културата со став исчезнува од нашите медиуми. На електронските се чини дека е веќе сосема замрена. Во весниците – едвај живурка. Токму затоа, обидите на „Дневник“, на чии страници за прв пат се отпечатија овие рецензии, се буквално дон-кихотовско одење спроти ветерниците. Кога на ова се надоврза и проценката на комисијата од конкурост на Министерството за култура да се поддржи едно вакво специјализирано издание, на моето позитивно изненадување му немаше крај. Токму во оваа интеракција ја гледам надежта дека можеби не е се’ веќе сосема изгубено.
„Кинеење“ на филмските авторитети може да им понуди еден мал поглед врз тоа што и како минало низ нашите кино сали во периодот од втората половина на 2008 до почетокот на 2012 година, а пак на кино-публиката опција да се потсети на некој филм и својот став за него или можеби да се испровоцира да го побара пропуштениот наслов за да го надомести испразнетото место на листата индивидуални филмски с(п)ознанија.
cOoLTuRa: Од една страна е скромната кино-понуда кај нас, а од друга страна е предизвикот и на неа да се гледа објективно, критички, каде е средината?
– Во љубовта кон филмот. Кога не би знаеле што е лошо, нема да знаеме и што е добро. А сепак, најважно е личното доживување на подвижните слики.
cOoLTuRa: Во последните неколку години кино-живеењето кај нас е повеќе падни отколку стани, останаа градови без кина, кина без филмови, израснаа генерации без да знаат што е тоа „филмско платно“, нели е тоа опасно за една култура која држи до себе?
– Не само што е опасно, туку може да е и фатално. Особено во малите средини каде што филмот во исто време е и изложба и книга и музика и театар… Сублимирањето на уметносите во нивното пренесување на големото платно е веројатно најголемата предност на седмата меѓу нив. Имајќи ја предвид токму брзината со која таа комплексност може да се сподели со публиката, филмската уметност има свое посебно место меѓу најитните нешта на кои треба да поработиме.
cOoLTuRa: И има ли зрак светлина на крајот од тунелот, може ли да се зашие скинатото?
– Радува фактот што Министерството за култура покрена иницијатива за обновување на кино-прикажувачката дејност во домовите на културата низ земјава. Се надевам дека го допревме дното на кино некултурата и дека конечно ќе можеме да зборуваме за првите знаци за новата пролет на седмата уметност кај нас. Кога дистрибуцијата и кино-прикажувањето ќе можат да опстојат без помош од државата, тогаш ќе можеме да кажеме дека сме успеале.
cOoLTuRa: И на крајот – што за вас значи филмот?
– „Ангели и демони“ што „Пред дождот“ нудат „Трошка утеха“ (ха ха ха)