Врачена државната награда „Гоце Делчев“

Државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување во сите области од науката кои се од интерес за државата денеска во Собранието на Република Македонија свечено им беше врачена на годинешните добитници.

drzavna nagrada goce delcev 1

На конкурсот за државната награда „Гоце Делчев“ за 2013 година пристигнале вкупно 12 научни трудови. Избрани се „Македонија туристички бисер – туристички потенцијали и културно-историски знаменитости“ од авторите Тодор Чепреганов, Ратомир Гроздановски, Благоја Марковски и Дејан Николовски, „Learning and Ressoning in Cognitive Radio Networks“, од професорите Лилјана Гавриловска и Владимир Атанасовски и трудот „Медицинска генетика“ од д-р Мирјана Кочова, Гордана Илиева, Елена Шокарова Ангеловска, Светлана Кочева и Виолета Атанасовска.

Ова високо општествено признание за истакнати научни работници, на денот на одбележувањето на 111 години од смртта на најистакнатиот македонски револуционер, ја врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата и претседател на МАНУ, академик Владо Камбовски.

Честититајќи им го високото признание на добитниците тој подвлече дека највисоката државна награда за научно дело го носи името на Гоце Делчев како признание дека неговата идеја за културната и свесната акција како најсилна движечка енергија претставува трајна заложба на македонската современост. Наградата, подвлече е и синоним на стремежот на севкупниот општествен научен и културен развој да се потпира врз сопствени сили и знаења, давајќи поттик на домашната наука да се фати во костец со предизвиците на иднината.

drzavna nagrada goce delcev 2

Според академик Камбовски, Република Македонија стои пред вториот најголем предизвик од нејзиното осамостојување и независност од 1991 година – да се интегрира во европскиот простор на знаење, образование, наука и истражување и економски развој, кои, како што рече, се доминантна цивилизациска одлика на современото општество.

На доделувањето присуствуваше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој изрази задоволство од фактот што Комисијата во рамки на Министерството за образование и наука, предводена од академик Камбовски, која што ги утврдуваше сите трудови за постигнувањата во науката, денеска ќе ги додели трите признанија на носителите на државната награда и тоа во областа на здравството, во општествените науки и во областа на технолошко-техничките науки.

– За мене тоа претставува дополнителна потврда како министер за образование, во интерес на државата дека науката е оној двигател, кој што може да го обезбеди целокупниот раст и развој на Македонија во следниот период, посебно со особен фокус на развојот на научно-истражувачките дејности во делот на иновациите, рече Ристовски.

Наградата се состои во паричен дел од пет просечни плати по награден труд и статуетка со ликот на Гоце Делчев која годинава прв пат се доделува.

You May Also Like