Промоција на албумот Methuselah од Zdeev

Вечерва (петок, 14 декемеври) со почеток во 20:00 часот, во Кинотека на Македонија, составот Zdeev (Здив) ќе има промоцијата на нивниот прв албум именуван како Methuselah (Метузалем). Во текот на промоцијата, Zdeev ќе изведат дел од нивните композиции кои се реаранжирани за оваа пригода. Покрај суптилниот сараунд звук, настапот ќе биде проследен и со видео проекција.

После неколкуте настапи, членовите на Zdeev решија да ја дефинираат и снимат музиката која добиваше различен карактер при секоја изведба. Така, есента во 2011 година тие влегоа во студиото на Профундус и започнаа со снимањето на својот прв албум кој во голема мера се разликува од музиката на нивните настапи. Како резултат на ваквиот пристап, во декември 2012 година произлезе суптилен албум со изобилство на звучни пејсажи и наративност предводена од мелодискиот и ритмичкиот сооднос на инструментите процесирани низ разни технички помагала.

Албумот го носи насловот Метузалем (Methuselah) и претставува звучно отсликување на Времето, прикажано преку овој старозаветен лик кој живеел 969 години. Во овој случај Метузалем е аудио метафора за антропоморфното перципирање на времето осмислено преку неколку суштински компоненти на човечкото тело. Заради тоа, композициите на овој албум се именувани во седум става со кои звучно се илустрира по една функција од отелотворувањето на времето.

Промотивната цена на цедето е 150 денари. Влезот е бесплатен.

Zdeev:

Ади Имери – гитара + електроника
Дориан Јовановиќ – Стик + електроника
Гоце Наумов – електрични перкусии + процесирање

————————————————————–

Понекогаш одредени идеи можат да се конкретизираат во збор, фраза или пак термин. Тие имаат за цел, во една вокална целина, да ги определат значењата сугерирани преку сетилната или когнитивната перцепција. Етимологијата и изговорот на зборот Zdeev се конкретно во релација со концептуалниот принцип на составот кој го носи ова име. Изворно Zdeev се врзува за македонскиот збор Здив, на кого намерно му е аплицирано латиничното англиско означување и изговор, со цел да го потенцира музичкиот концепт на оваа група автори. Имено, овој состав ги користи дигиталните инструменти и помагала како примарно изразно средство, притоа сосем промислено занемарувајки ги нивните акустични еквиваленти. Исто како и со зборот Zdeev, искористени се механичките ‘латинични‘ инструменти за да се транскрибира одредена акуистична идеја.

 

You May Also Like