Книга од Адолф Мушг на македонски јазик

Културната установа „Блесок“ неодамна ја објави книгата раскази на швајцарскиот писател Адолф Мушг „Доколку е тоа среќа“, во превод од германски на Елизабета Линднер.

Книгата е објавена со поддршка на ТРАДУКИ, мрежа за книжевност во која членуваат Сојузното министерството за европски и меѓународни прашања на Република Австрија, Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Фондацијата за култура Про Хелвеција од Швајцарија, КултурКонтакт од Австрија, Гете институтот, Словенечката агенција за книга ЈАК, Министерството за култура на Република Хрватска и Фондацијата С. Фишер.

За авторот:
Адолф Мушг е роден во 1934 година во Цоликон, во кантонот Цирих. Во Цирих завршува гимназија, а потоа таму и во Кембриџ студира германистика, англистика и филозофија, и ја пишува својата докторска теза за Ернст Барлах. Од 1959 до 1962 година предава германски јазик во средно училиште, а потоа станува и универзитетски професор во Германија (Гетинген), Јапонија и САД. Од 1970 до 1999 година бил професор за германски јазик и литература на Техничкиот Универзитет во Цирих.

Живее и работи во Менедорф кај Цирих. Неговата архива се наоѓа во Швајцарската книжевна архива во Берн.

Награди: Конрад Фердинанд Маер (1968), Херман Хесе (1974), Циришка награда за литература (1984), Орден Карл Цукмаер (1990), Рикарда Хух (1993), Георг Бихнер (1994), Гримелсхаузен (2001), Германски орден за заслуги (2004)

You May Also Like