Речиси и да нема дете во Македонија што не слушнало за Европската Унија. Тоа зборче е толку употребувано кај нас, што веројатно секое дете го изговорило барем еднаш …за него се дебатира, се прават реклами, дури се учи и на училиште …насекаде.
Со твојот мобилен телефон имаш можност да одржуваш врска со пријателите и семејството, во секое време и насекаде. Ако кога патувате надвор од државата, продолжиш да разговaраш на телефонот, родителите може да преживеат голем шок од сметката која ќе пристигне…
Така почнува еден од едукативните материјали од специјалното „Детско катче“ на Европската унија. И продолжува, дека благодарение на ЕУ, кој воведе ограничувања на тарифите за разговори, текст пораките или сурфањето на интернет со мобилен телефон, цените на роаминг услугите, паднале со околу 60%.
Со „Детско катче“, Брисел се обидува да ја скрши сликата за ЕУ, дека сојузот е само куп институции со многу служители, кои се занимаваат со досадни и без-корисни нешта. „Детското катче“ е наменето за сите од 0 до 18 години, објаснува самиот сајт, но и за родители и учители. Целта е преку игри и забавни текстови, децата да добијат квалитетна информација за тоа што е ЕУ и какви се нивните права.
Европската унија се труди да го направи подобар животот за сите нас – тој се бори за заштита на животната средина, за квалитетот на нашата храна, работи за поефтинување на телефонските услуги, се справува со криминал и уште многу други активности. На овој начин веб страната ги пречекува децата и младите и ги кани да заиграат игри, разделени во различни категории, зависно од возраста. Во секцијата за права, сајтот е поделен на две групи- за деца од 0-12 години и за повозрасни од 13 до 18 години.
На страната во контакти има корисни броеви за соодветна држава, а освен игрите има и календар со различни празници на државите членки.
Дали знаеш дека белгијците претендираат дека тие ги измислиле пржените компирчиња-помфрит? Иако во многу држави тие се нарекуваат француски помфрит? Дали некогаш си пробал чоколадо од Белгија? Сите што пробале, велат дека е нај добро на цел свет.
Ова е дел од информацијата за Белгија, во катчето каде децата можат да ја запознаат историјата на создавањето на Европската унија, и уште многу интересни факти за државите членки. На пример, дека многу од познатите електронски брендови, хемиски производи и автомобили се произведуваат во Германија…
На страната има место и за родители и учители. Во „Катче за учители“ има бесплатни материјали за ЕУ и неговата политика.
Л.Ѓ.