Марк Зраика од Р. Германија е студент во четврта година на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“. Тој веќе неколку години живее и студира во Штип. Неодамна за Via Medici, најпознат германски портал за лекари и студенти на медицина, го пренесе своето искуство од студискиот престој во Македонија
. За Македонија и за Универзитет „Гоце Делчев“ Зраика дознал сосема случајно, од негов пријател. Бидејќи сакал да студира надвор од Германија, решил да дојде во Штип за да се информира подетално околу условите за студирање. Првата средба со Македонија била клучна и му помогнала многу лесно да ја донесе одлуката за својата иднина. Вели дека она што го освоило веднаш е пријателскиот однос на вработените на Универзитетот, кои љубезно и со внимание го упатиле во студирањето.
Марк Зраика е презадоволен од начинот на студирање, а посебно од можноста за вклучување на студентите во различни програми и проекти, како што се: програмата Еразмус“, практичната настава во јапонската болница „Токуда“, Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ и др., што е од особено значење за студентите на општа медицина.
Иако доаѓа од друга земја, вели дека се чувствува пријатно во друштво на своите колеги и дека комуникацијата со наставничкиот кадар е многу срдечна и хармонична. Македонија му се допаѓа заради сонцето, луѓето, природните убавини, храната и богатиот ноќен живот.
Зраика за себе вели дека доколку повторно треба да одлучи каде ќе студира, повторно би го одбрал Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој ги повикува своите сонародници да ја одберат Македонија, како земја во која ќе го поминат студискиот престој. Причините за тоа, како што вели, се бројни, а едни од нив се квалитетните студии комбинирани со огромна практична настава, што е од исклучително значење за студентите на медицина, современите лаборатории, професионалниот наставнички кадар и заради Македонија – земјата на сонцето.