Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна ја објави поетската книгата на Саво Костадиновски „Поезијата во животот на поетот“, двојазично издание: на македонски и на германски јазик.
Темата не е поетична, но е поетска. Во таква тесна рамка авторот ги ниже своите лирски записи. За тоа, во предговорната белешка, вели:
„Сето мое животно искуство е и поетско искуство. Сиот живот, или поточно откако почнав да се нурнувам во бескрајниот литературен свет, преокупиран сум со поезијата. Таа ми е составен дел од животот, таа ми е живот во секојдневјето. Со неа го осмислувам и го реосмислувам мигот заробен во споменот и мигот што го живеам. Тaа е одраз на моите трепети, рефлексии, емоции, таа ми е смислата во минливиот свет.
Тaа е мојата преокупација и кога сум го менувал местото на живеење, кога сум ја менувал татковината, кога сум ги минувал меридијаните на Земјината топка.
Саво Костадиновски (1950) е поет, раскажувач, препејувач. Роден е во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. Од 1971 година живее и работи во Германија, а од 1973 година во Келн. Пишува лирика и проза за деца и за возрасни. Ги објавил следните книги за деца и млади: Лето во родниот крај (1980), Копнежи (1989), Кафез без птици (Од Ботуше до Келн – 1990), Децата на светот (1990), Песни (1991), Песни од Ботуше (избор, 1992), Песни (1993), Порече (1995), Илјада и една носталгија (2001), Роден крај со срце, збирка раскази за деца (2005), Заедно со Филип (2013). Автор е на поетската книга за возрасни Поезија за поезијата (двојазично издание на македонски и на романски јазик, 2002, на македонски и на германски јазик, 2012), Трите века, биографско-хронолошки роман за возрасни (2005).
Добитник е на неколку награди и признанија, меѓу кои и наградата „Златна грамота“ на Матицата на иселениците на Македонија, доделена во рамките на Струшките вечери на поезијата во 1993 година.