Денеска (11 март 2014 година, вторник), во Салата за седници на Советот на Град Скопје, во 13:30 часот ќе се одржи Комеморативна седница за одбележување на 71 година од депортацијата на 7144 македонски Евреи во логорот Треблинка, далечната 1943 година.
На седницата ќе присуствува и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој традиционално, на овој ден се среќава со делегација на Еврејската заедница во Македонија.
Еврејската заедница секоја година со најразлични активности го одбележува овој ден. Уште од 1946 година, делегација на Еврејската заедница ги посетува местата на депортацијата, градовите Битола, Штип, како и Монополот во Тутунскиот комбинат во Скопје.
Во Скопје на 11 март, голем број државни делегации, дипломатскиот кор и политичките претставници, како и делегации на граѓани и институции полагаат цвеќиња пред споменикот во скопскиот Монопол. Активностите продолжуваат пред могилата на загинатите Евреи во Треблинка на Еврејските гробишта – Бутел со кажување кадиш, а утревечер, во Киното Фросина ќе биде одржан комеморативен концерт.