Две драми од Хенрик Ибзен во издание на „Македонска реч“

Издавачката куќа „Македонска реч“ деновиве објави уште две драмски дела на големиот норвешки писател Хенрик Ибзен – „Дивата патка“ и „Џон Габриел Боркман“, во компаративен превод на Ленче Тосева.

„Дивата патка“ им припаѓа на драмите на Ибзен кои му се посветени на социјалното и моралното безредие. Ова е драма за социјално разорените семејства, за фаталноста, расипаноста, подлоста, измамата и малограѓанштината, но и за семејната топлина, љубовта, разбирањето и сочувството. Драмата е напишана со мајсторство во драмската конструкција, со суптилна и длабока претстава на ликовите и состојбите и со префинет лиризам. Ги слика внатрешните маки на ликовите. Ова е драма во која е спакувано големо количество психологија, а послужила за показ на најпознатите психолошки анализи. Драмата го означува почетокот на творечката фаза на Ибзен означена како врв.

Приказната на Ибзен за Џон Габриел Боркман е приказна за подемот и падот на еден човек, шпекулативен банкар. Тоа е драмски портрет за човек опседнат и возбуден од парите со кои може да се освои светот. За него парите се сила што постои надвор од човечкиот ред и човечките закони, со која се гази љубовта и која остава жртви зад себе, но и причина за разорување, уништување и осиромашување на човечкиот живот. Парите лесно носат среќа, но уште полесно несреќа…

„Македонсак реч“ претходно веќе има објавено пет драмски дела на Хенрик Ибзен, и тоа: „Пер Гинт, „Домот на куклата (Нора)“, „Народен непријател“, „Хеда Габлер“ и „Сеништа“.


Хенрик Ибзен
(1828-1906), после Шекспир е најпоставуваниот автор на театарските сцени во светот. Најголемиот норвешки драмски писател работел како драматург и управник на театар. На млади години од револт ја напуштил својата земја, а од доброволниот егзил се вратил во 1891 година, триумфално, како автор со светска слава.

Хенрик Ибзен, удостоен со многу норвешки и европски признанија и награди, ја обележал епохата во светската драмска литература и театар на 19 и 20 век. Заедно со Чехов и Стриндберг извршил силно влијание врз новата светска драматургија.

Ибзен го минал контрадикторниот пат од лекарски помошник до почесен доктор, од трпелив самоук и контроверзен провинциски бунтовник до сематорски мудрец и светски автор, одликуван и наградуван. По карактер и нежен и насилник, Ибзен е талкач по светот, а во литературата е мајстор на симболистичко-експресионистичката драма.

You May Also Like