Лауреати на осмиот Астерфест се Блажевски и Штимац

Годинешното издание на Интернационалниот филмски фестивал Астерфест ќе се одржи од 25 до 29 мај во Струмица под мотото „Одисеја 2012“. Отворањето ќе биде во НУЦК „Антон Панов“, а освен таму, главните настани ќе се одржуваат во летниот амфитеатар и во Вељуса.

Веќе се конципирани програмските содржини од трана на селекторите кои ќе бидат во напреварувачкиот дел во категотријата креативни документарни, кратки играни и анимирани филмови. Годинава фокусот на категоријата Мувиленд ќе е свртен кон Русија и нивните кратки филмови. Како новитет во официјалната програма ќе биде и востановувањето на наградата за најдобро сценарио која ќе го носи името “Ѓорги Абаџиев”, а ќе биде одржана и работилница за филмско сценарио.

Лауреати на осмото издание на Астерфест се Владимир Блажевски и Славко Штимац, кои ќе ги добијат почесните награди на свеченото отворање, вечерта на 25-ти, а ден потоа во предворјето на Манастирот “Воведение на Пресвета Богородица” во Вељуса ќе се одржат Астер портретот и Тивериополските филмски беседи посветени на нивното творештво.

Владимир Блажевски (роден 1955 година) е годинешниот добитник на наградата Астер за високи достигнувања во авторскиот филм. Тој е меѓународно признат режисер и сценарист, професор е на факултетите за драмски уметности во Скопје и Белград. Има добиено Златна арена за режија во Пула, Кристален глобус во Карлови Вари, Сребрен медал за режија во Белград и низа други престижни награди. Меѓу другото, автор е на кратките документарци “Среќна нова година”, “Икар” и “Врати на бескрајот”, на долгометражните играни филмови “Хај-фај”, “Булеварот на револуцијата” и “Панкот не е мртов”, кој беше македонски кандидат за Оскар и др. Ги напишал сценаријата за “Џипси меџик” и “Големата вода”.

Славко Штимац (роден 1960 година) е овогодинешен добитник на специјалното признание на Астерфест и Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност. Тој е меѓународно познат актер кој уште како дете ја започна својата филмска и телевизиска кариера. Дебитира во 1972 год. во филмот “Волк самјак”, продолжува во “Возот в снег” и “Салашот во Малиот рид”, потоа во “Специјално воспитување”, “Се сеќаваш ли на Доли Бел”, “Подземје”, “Животот е чудо”, “Буик ривиера” и други. Играл во филмови на Бауер, Кустурица, Марковиќ, Шијан, Пекинпо и кај други режисери, а неговите актерски креации и филмови се наградувани во Кан, Венеција, Пула, Сараево и на многу други меѓународни фестивали.

Манифестацијата Астерфест ја организира Тивериополската филмска алијанса, а финансиски покровители се Министерството за култура и Собранието на Општина Струмица.

You May Also Like