Изложба „Светот на бајките“ во НУБ

Денеска (29 мај, среда) во 12:00 часот, во холот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје ќе биде отворена патувачката мултимедијална изложба насловена „Светот на бајките“.

Со неа Гете-институт ја прославува 200-годишнината од објавувањето на првата збирка „Детски и домашни бајки“ од браќата Грим.

Збирката бајки од браќата Грим заедно со библијата на Лутер е најпознатата и најраспространета книга во германската културна историја. Преведена е на повеќе од  160 јазици, а во 2005 г. беше прогласена за дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Изложбата „Светот на бајките“ опфаќа седум станици и води низ најзначајните мотиви од германските бајки. Преку многуте елементи за слушање, гледање и интеракција таа раскажува за магијата и волшебството, животните, злото, како и хероите и хероините во бајките, повлекува паралели со современата култура притоа наметнувајќи му бројни прашања на посетителот, кој за да ги пронајде одговорите ќе мора да се прошета низ шумата од бајките.

Почнувајќи од 29 мај па се до 21 јуни 2013 г., изложбата ќе може да се посетува секој работен ден од 10:00 до 18:00 часот, сабота од 10:00 до 14:00 ч.

Постои можност за слободно индивидуално разгледување на изложбата, но и со придружба од водич. За организирана посета на изложбата со одделенија неопходно е пријавување на следната адреса goethe.skopje3@gmail.com со наведување на планираниот термин и бројот на ученици.

Изложбата е наменета за ученици од трето одделение па нагоре, но подеднакво е интересна и за децата и за возрасните. Максималниот број на ученици за една прошетка е 30, а за истата се предвидени од 60 до 90 минути.

Во рамките на овој настан ќе се организираат уште 2 помали изложби:

Мојата слика од бајките, која ќе ги прикаже најдобрите цртежи од ликовниот натпревар за ученици од основните училишта низ земјата организиран од Здружението на наставници по германски јазик и Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје

Книги, сликовници и ДВД-а со филмски адаптации на бајките од Браќата Грим од фондот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Германската читалница.

Настанот го организира Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје во соработка со Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје

You May Also Like