Валентин Светозарев, директорот на НУ Народен Театар – Битола вчера (среда, 21 март) соопшти дека целосно се завршени подготовките за театарската претстава „Хенри Шести“ од Шекспир, која на 12 и 13 мај ќе се прикаже во „Глоб-театар“ во Лондон, во рамки на меѓународниот „Фестивал Шекспир“.
Директорот и сценограф Светозарев, костимографот Благој Мицевски, композиторот Миодраг Неќак и 14 актери имаа средба со Том Брд, директор на „Фестивал Шекспир“ во Лондон и Бен Хоил, новинар во весникот „Тајмс“, кои информираа за завршните подготовки на претставата која ќе се изведе на македонски јазик.
– Деновиве патувам низ цел свет и ги гледам претставите што ќе бидат изведени на фестивалот во Лондон, во моментов највозбудливиот театарски настан на планетата. Програмата на фестивалот се подготвува во театри од 37 држави во светот, од сите континенти и тоа е импресивно, истакна директорот Брд.
Гостите од Лондон за време на престојот во Битола ќе проследат две театарски претстави „Слугинки“ и „Медеја“, ја снимаат историјата на битолскиот театар, како и репортажи за ансамблот кој прв пат ќе настапи на културната олимпијада во Лондон во трилогијата „Хенри Шести“.
– Годинава во Лондон се летните олимписки игри, но со нетрпение се очекува и големото културно случување а тоа е фестивалот посветен на Шекспир. Да се слави човек кој живеел пред 400 години значи да се проучи и зошто нашиот писател станал славен насекаде во светот, истакна новинарот Хоил.
Меѓународниот „Фестивал Шекспир“ во Лондон ќе почне на 21 април и ќе се одржува до 19 јуни 2012 година.