Изложба „Прагови“ со дела од 39 британски современици во МСУ

Изложбата „Прагови” е селекција на 73 уметнички дела од 39 современи британски уметници од збирката на Британски совет и ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје, на 22 јуни (петок) во 18 часот. Потоа ќе биде отворена од вторник до сабота, од 10 до 17 часот и во недела од 9 до 13 часот.

„Прагови”, чиј куратор е Пола Рего, претставува ретка можност да се ужива во современа уметност од светска класа во Македонија. Фокусот на изложбата е главно на цртежи, графики и фотографии од етаблирани современи уметници, вклучувајќи дела од Лусијан Фројд, Волтер Ричард Сикерт и Дејвид Хокни. На изложбата исто така ќе бидат прикажани и ретко видени рани фотографии на Сесил Битон и Мадам Јевонди, голи актови на Гвен Џон и Виндам Луис и акварели на Едвард Бара.

Британски совет повеќе од 60 години собира уметнички дела, ракотворби и дизајнерски дела. Збирката започната во доцните 30-ти со скромен број на дела на хартија, сега вклучува повеќе од 8000 уметнички дела на различни медиуми и ги опфаќа сите аспекти на британската уметност и дизајн од 20-от и 21-от век. Збирката нема постојана галерија и патува на сите страни на светот.

Британски совет во соработка со НУ Музеј на современата уметност во Скопје исто така ќе им пружат шанса на македонските куратори да разговараат за современите ликовни трендови со  Роберт Мекфирсон, ко-куратор на изложбата и Дијана Еклес, раководител за збирките на Британски совет.

——————————————————–

Изложбата „Прагови” е реализирана во соработка со НУ Музеј на современата уметност во Скопје во периодот од 22 јуни до 22 август 2012. Како патувачка изложба, истата претходно била изложена во уметничката галерија Вајтчапел во Лондон, Велика Британија во 2010 година и во Центарот за креативност Св. Џејмс Калавиер во Валета, Малта во 2012 година, од каде што доаѓа во Скопје, Македонија.

Мнозинството уметници кои се дел од оваа изложба никогаш до сега не биле изложени во Македонија. Лусијан Фројд се смета за еден од најголемите сликари на 20-тиот век и негова поставка во моментов е отворена во Националната галерија на портрети во Лондон. И Дејвид Хокни исто така има голема изложба оваа година во престижната Кралската академија. Браќата Чапман се радикални и возбудливи уметници од генерацијата на млади британски уметници која ги вклучува Демиен Хирст, Трејси Емин итн.

 

You May Also Like