Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, утревечер (петок, 2 март 2012 година) со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена изложба на Елизабета Аврамовска, Дијана Томиќ-Радевска и Вана Урошевиќ под наслов „Не ги затворај очите“.
Изложбата презентира три различни авторски начини на толкување на сегашноста преку директно или индиректно реферирање на примери од историјата на уметноста, како и од историјата на културата воопшто. Било да станува збор за циничен или амбивалентен однос кон дадениот концепт, проектирајќи свои модели на комуникација на дадени дела, теми и концепти од минатото, Е. Аврамовска, Д. Томиќ-Радевска и В. Урошевиќ создаваат дијалог со актуелни моменти и вредности од современието.
Елизабета Аврамовска e родена во Скопје во 1956 година. Во 1984 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на сликарскиот оддел кај проф. Петар Мазев. Во 1986 апсолвирала на архитектонскиот факултет. Од 1986 па до денес редовен професор на Архитектонскиот факултет на предмети од областа на Ликовни и визуелни уметности. Во 1995 магистрирала на катедрата за Историја и филозофија на уметност и архитектура на Централно Европскиот Универзитет (CEU), Прага, Р. Чешка.
Од 1985 до 2003 е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Од 2004 до 2009 е член на бордот на Швајцарската културна програма на Западен Балкан (Прохелвеција) / Локална канцеларија Скопје, Р. Македонија. 2008 година е член на бордот на Фондацијата „Скопје метропола“, комитет за култура при Советот на град скопје во Градското собрание, а во 1987 ја формира фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, награда на студенти од Графичкиот оддел при ФЛУ, Скопје, Р. Македонија.
Самостојни изложби: 2001 Загреб, Хрватска; 1998 Виена, Австрија; 1995 Прага, Р.Чешка; 1998, 1997, 1989, 1987 Скопје, Р. Македонија.
Дијана Томиќ Радевска е родена во Скопје, 1961 година. Дипломирала 1984 год на одделот графика, на ФЛУ. Член е на ДЛУМ од 1985г. Студијски престој во Дрезден при отворено графичко студио 1997 година. Од 1999 е Официјален Витез на Академијата „Greci Marino”, Вербано – Италија, оддел за уметност. Самостојни изложби: Скопје: 1998, 1992, 1995, 1996, 1998, 2002, 2005, 2010; Охрид: 1988, 1992, 1995; Гевгелија: 1985; Куманово: 1995; Штип: 1995; Милано: 1996; Мастрихт: 1997; Ахен:1998; Загреб: 1999; Битола: 1999, 2003; Фриментал: 2000; Берлин: 2006; Њујорк: 2006; Белград: 2009; Прилеп: 2011.
Вана Урошевиќ е родена во Скопје. Дипломирала и завршила пост-дипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Студиски престој во Париз 1987, и специализација на Академијата за убави уметности во Венеција 1988. Во 2003 година ја претставува Република Македонија на Биеналето во Венеција. Самостојни изложби: Скопје 1989, 1998, 2001, 2003, 2007; Белград 1987, 1992, 2002, 2009, 2011; Струга 1996; Битола 2003; Венеција 2003; Љубљана 2009; Њујорк 2010.