Изложба „Две татковини“ во Кавадарци

Денеска (вторник, 21 мај 2013), со почеток од 20:00 часот во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, ќе биде отворена изложба на фотографии со наслов “Две татковини“ на авторот Гордан Ристовски Гого.

Ова е негова прва самостојна изложба во родниот град каде го помина детството и раната младост, пред животот да го однесе во Швајцарија, каде и денес живее со семејството. Со фотографија се занимава уште од млади години, осознавајќи ги тајните на добрата фотографија во кавадаречката “Народна техника“, за да последните десетина години сериозно се занимава со уметничка фотографија спојувајќи го возењето моторцикл и љубовта кон природата со фотографии кои сведочат за неговите патувања низ неговите две татковини Македонија и Швајцарија.

Неговите дела доаѓаат до пошироката јавност со зачленувањето во “Јужнословенскиот Културенфорум“ во Цирих, Швајцарија, во 2007 година и за неговото фотографско патешествие со моторциклот низ Македонија и Швајцарија дознава уметнишката јавност во повеќе земји.

Учествувал на пет групни изложби на уметничка фотографија во Цирих, како и на групни изложби во Нови Сад, Бачка Паланка, Крагуевац и Ужице во Србија. Досега има реализирано пет самостојни изложби во Швајцарија и тоа две во Цирих (2011 и 2012), како и во Берн (2011), Штанс (2012) и последната во Базел (2013).

Неговото воопшто прво претставување пред македонската публика во неговото родно Кавадарци е извонредна прилика за фино фотографско доживување со теми од Македонија и Швајцарија, заедно со авторот кој во деновите додека трае изложбата ќе биде присутен во неговиот роден крај. Во каталогот подготвен за изложбата со свој осврт кон делата на Гордан Ристовски Гого се јавува познатиот ликовен и филмски критичар од Србија , Дејан Ѓориќ. Изложбата ќе трае десет дена.

You May Also Like