Утре вечер, (вторник, 29. 05. 2012 година) во битолската „Магаза“ со почеток од 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Семејни традиции – Димитрие Османли“. Истата е во организација на Н.У. Завод и музеј – Битола, а автор на истата е Наде Геневска Брачиќ, етнолог – кустос советник.
Целта на проектот „Семејни традиции“ е да претстави поедини семејства и истакнати личности од семејство, кои се значајни во хронолошкиот развој на Битола и во културно историскиот развој на одделни области од животот во Македонија. Семејните традиции се од исклучително значење во Битола, за утврдување на потеклото, развојот и утврдувањето на хронологијата на градската култура.
Издвојувајќи ја личноста на Димитрие Османли, роден Битолчанец, (29 мај 1927 во Битола) гледано во пошироки историографски рамки, ова е годината во која одбележуваме два јубилеи и тоа 85 години од раѓањето и 60 години од првата дипломска работа по режија поставена на битолската театарска сцена.
Тоа се датуми со кои се одбележува една творечка и исклучителна личност која зад себе остави голем број врвни дела во филмот, театарот, телевизиското и радио-драмското творештво, кои заслужуваат посебни и опсежни истражувања. Димитрие Османли, роден битолчанец и потомок на познатата битолска фамилија Османли, се претставува како исклучителна личност и во македонската културна историографија.