Денеска е Меѓународниот ден на дарување книги

Денеска (петок, 14 февруари 2014 година) е Меѓународниот ден на дарување книги, кој се одбележува во 34 земји, а кај нас иницијативата ја поддржа издавачката куќа Вермилион, која ќе подари книги на Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари.

daruvanje_knigi_poster2014_macedonian

Одбележувањето на овој ден е целосно волонтерска иницијатива, посветена на целта што е можно повеќе нови, користени или позајмени книги да стигнат до рацете на што е можно повеќе деца. Денот на дарување книги почна да се одбележува во 2012 година, а веќе во 2013 се прославуваше во 34 земји низ светот. Иницијативата е поддржана од многу автори и илустратори за деца.

„Една од целите на Вермилион е да им понуди на децата квалитетна литература за читање и да го зголеми бројот на деца кои читаат затоа што сакаат, а не затоа што мораат. Иако немаме точни податоци, често слушаме дека децата во Македонија не читаат доволно, или ги читаат само лектирите. Од друга страна, има деца кои немаат соодветен пристап до книги, како децата со кои работи Центарот за деца од улица. Токму затоа се приклучивме кон оваа иницијатива. И на крај доколку децата повеќе читаат и има вакви кампањи, можеби на тој начин ќе се поттикне и поголема домашна продукција за деца и млади“ – вели за cooltura.mk уредникот на Вермилион, Марија Тодорова.

Во информацијата за иницијативата на Вермилион се вели: „Можете да подарите книга на некој свој пријател или член на семејството, или да оставите книга на место каде има деца (чекалница во болница, игралиште) или да подарите користена книга во библиотека или во друга организација која работи со деца. За секоја ваша подарена книга и ние ќе подариме една. Споделете ја со нас вашата приказна на кој начин и да сакате“.

Книгите кои ќе ги подарите можете да ги обележите со специјално дизајнирани ознаки кои ќе ги најдете тука и тука. Или отпечатете го овој разделник за книги и ставете го во книгите кои планирате да ги подарите.

You May Also Like